На 08.10.2016 година во Македонскиот народен театар во Скопје, Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје величенствено го прослави својот јубилеј, 10 години од своето основање и работење. По тој повод се одржа и свечената промоција на осмата генерација дипломирани студенти на прв циклус студии и на шестата генерација магистрирани студенти на втор циклус студии. Свечената прослава започна со одбележувањето на десетгодишниот јубилеј со обраќањето на Генералниот секретар на УТМС, г-дин Зоран Ѓорѓески кој говореше за акредитацијата на Факултетот за туризам како прва високо-образовна единица која започна со работа 2006 година, потенцирајќи ја 2008 година кога оваа високо-образовна институција прерасна во Универзитет со акредитации за Економски факултет, Факултетот за менаџмент на човечки ресурси, Факултетот за претприемаштво, Факултетот за меѓународен маркетинг менаџмент, Факултетот за односи со јавноста и Факултетот за спортски туризам. Исто така во своето обраќање ја потенцира несебичната заложба на академскиот кадар за воспоставување на високи стандарди според примерот на познатите светски универзитети за што говорат и бројните награди за квалитет во високото образование, за бизнис престиж, супер бренд и други.
Потоа следуваше обраќањето на Ректорот на УТМС, проф. д-р Аце Миленковски кој во својот говор ја потенцираше моќта на знаењето, посветеноста кон работата, заложбите за интернационализација на УТМС во насока на постојано иновирање и креативно реализирање на наставата преку која студентите се стекнуваат со квалитетни теоретски и применливи знаења, а со тоа се профилираат како високо конкурентни на пазарот на трудот. Во тој контекст Ректорот истакна: „Драги магистри и дипломци, со споменување на името на оваа ваша многу угледна и престижна високо-образовна институција, се здобивате со референца која Ви овозможува да бидете силна конкуренција на пазарот на трудот. Ние сите веруваме и очекуваме, дека оваа генерација, како гордост на своите драги родители, и понатака ќе биде гордост на овој Универзитет, дека успешно ќе се вработите на најпрестижните работни позиции, при што Вашата диплома ќе ја прифатат во непосредна пракса, прифатена како диплома позната и призната на универзитетите во светот“.
На промоцијата на дипломираните студенти, присуствуваа и истакнати личности од високообразовната дејност во Република Македонија, но и од странство. По доделувањето на дипломите и традиционалното фрлање на капите во воздух, свеченоста беше одбележана со коктел за сите присутни гости.
Инаку, евидентно беше воодушевувањето и задоволството на присутните дипломирани студенти, нивните семејства и пријатели, како и на другите гости, од овој свечен чин и церемонија, која според коментарите на сите, е уникатна во Македонија, каков што е впрочем и УТМС.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/862-svechena-proslava-10-godini-utms-i-svechena-promocija#sigProId07ff63b972