ПОСЕТА НА УТМС НА ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР НА СВЕТСКАТА ТУРИСТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА Д-Р ТАЛЕБ РИФАИ

ПОСЕТА НА УТМС НА ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР НА СВЕТСКАТА ТУРИСТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА Д-Р ТАЛЕБ РИФАИ

Образованието и знаењето се р’бетот на растечкиот туристички секторВо тридневна официјална посета на Република Македонија, односно од 27.07.2014 до 30.07.2014 година, престојуваше Генерелниот Секретар на Светската туристичка организација Д-р Талеб Рифаи, кој го посети и Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје.

Првиот човек на Светската туристичка организација, кој беше придржуван од неговите најблиски соработници, Регионалниот директор за Европа на Светската туристичка организација, г-ѓа Изабел Гарања и политичкиот советник за Регионалната програма на оваа организација, г-дин Петер Јанех, одржа предавање на кое говореше за современите трендови во развојот на туризмот.

На предавањето на кое присуствуваа преставници од извршната и локалната власт, вклучувајќи го и дипломатскиот кор, како и преставниците на стопанските комори, туристичките и хотелските капацитети, присутните имаа можност да слушнат за работата на Светската туристичка организација, за најбрзо растечката економија во светот денес и севкупно за процесот на глобализација, кој несомнено сериозно влегува во сферата на туризмот. 

Пречек на Г-дин Талеб Рифаи

Генералниот секретар на Светската туристичка организација Г-дин Талеб Рифаи беше пречекан од Ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје Проф. Д-р Аце Миленковски, Проректорите за меѓународна соработка, настава и наука, Проф. Д-р Зоран Ивановски, Проф. Д-р Сашо Кожухаров и Проф. Д-р Мијалче Георгирвски, како и Деканите на сите седум факултети, кои функционираат во рамките на УТМС, Доц. Д-р Сашо Поповски, Доц. Д-р Далиборка Блажеска, Доц. Д-р Валентина Палевска-Муцунска, Доц. Д-р Наташа Ристовска, Доц. Д-р Александра Стоилковска и Деканот на Факултетот за туризам Доц. Д-р Сашко Граматниковски.

Во пречекот на високо почитуваните гости од Светската туристичка организација учествуваа и студентите на Универзитетот за туризам и менаџмент, кои имаа можност од блиску да се запознаат лично со првиот човек на Светската туристичка организација, но и да бидат присутни на неговото предавање во Амфитеатарот на Универзитетот зз туризам и менаџмент од Скопје.

Обраќање на Ректорот на УТМС Проф. Д-р Аце Миленковски

„Денес Универзитетот за туризам и менаџмент, има причина да прославува. Денес Универзитетот за туризам и менаџмент има причина да биде горд. Денес Универзитетот за туризам и менаџмент може да биде потполно сигурен, во патеката по која чекори веќе неколку години. Потврдата за сето тоа ја има токму денес, бидејќи ја има можноста во својот дом, во својот храм посветен на нашите просветители, Св. Климент и Наум, на знаењето, да го прими првиот човек на туризмот во светот.

Можност, која им припаѓа само на оние кои макотрпно работеле за да стигнат онаму каде што денес се наоѓа УТМС. Во семејството на придружните членки на Светската туристичка организација, од каде успеваме да ја пратиме пораката од нашиот Универзитет и од Република Македонија. Да ја исцртаме туристичката разгледница од нашиот Универзитет и од нашата земја и да ја испратиме на сите адреси во светот. Ако убавината е окото на набљудувачот, тогаш ние од УТМС, не скромно ќе речам сме сликарите на таа убавина. Гласникот за убавата вест, мостот на зближување и пријателство“, рече во своето обраќање пред присутните Ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент Проф. Д-р Аце Миленковски.

Во своето обраќање Ректорот Миленковски ја потенцираше ангажираноста на УМТС во Светската туристичка организација, при тоа потенцирајќи ги двата проекта кои УТМС ги работи во соработка со Град Скопје, под менторство на Светската туристичка организација, а кои наскоро треба Република Македонија да ја стават на светската туристичка мапа, како држава за развој на спортскиот и авантурстичкиот туризам.

Предавање на Генералниот Секретар на Светската Туристичка Организација

„Образованието и знаењето се р’бетот на растечкиот туристички сектор и јас би сакал да ја искористам оваа прилика да го поздравам УТМС за одржувањето на традицијата за високото квалитетно образование, кој продуцира професионалци и идни лидери во областа на патувањето и туризмот“, рече во своето обраќање во преполниот Амфитеатар на Универзитетот за туризам и менаџмент Генералниот Секретар на Светската туристичка организација Д-р Талеб Рифаи.

Д-р Рифаи во своето излагање говореше за туризмот како главен фактор кој придонесува за националната економија, истовремено потенцирајќи дека тој е еден од најважните економски активности во нашето време, односно сектор вреден трилион долари, кој завзема 9 одсто од глобалниот БДП, колку што е 30 одсто од извозот на светските услуги.

„Туризмот е белег на приказната за постојаниот развој на глобализацијата, обликуван од комплексни испреплетени и меѓусебно зависни мрежи каде добрата, капиталот, идеите, информациите и сега луѓето се движат побрзо од кога било досега“, рече г-дин Рифаи потенцирајќи дека овој процес на глобализацијата има позади себе голем број на сили, кои не се само резултат на поглобализираниот свет, туку и неговите поттикнувачи.

Прогласување на Д-р Талеб Рифаи за PROFESSOR HONORIS CAUSA

На големо изненадување на гостинот, Ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент на Свечена седница која се одржа во рамките на свеченоста, на Д-р Талеб Рифаи му беше доделена титулата PROFESSOR HONORIS CAUSA

Пригодни подароци за почитуваните гости од Светската Туристичка Организација

Генералниот Секретар на Светската туристичка организација Г-дин Талеб Рифаи, Регионалниот директор за Европа на Светската туристичка организација г-ѓа Изабел Гарања и политичкиот советник за регионалната програма за Европа Г-дин Петер Јанех, од Универзитетот за туризам и менаџмент добија пригодни подароци, кои ја осликуваат традицијата и врвната прецизност и грациозност на македонската традиционална уметност.

Прошетка на гостите низ Универзитетот за туризам и менаџмент

Првиот човек на Светската туристичка организација Г-дин Талеб Рифаи, заедно со своите соработници направи обиколка низ Универзитетот за туризам и менаџмент, при што имаа можност да се запознаат со условите за студирање и секако за работа на наставниот кадар на УТМС.

Посета на спомениците на македонската култура во Скопје

За гостите од Мадрид, односно Генералниот Секретар на UNWTO Д-р Талеб Рифаи и неговите соработници, Универзитетот за туризам и менаџмент организираше посета на неколку значајни културни споменици.

Најнапред беше посетена Црквата Св. Спас, каде асс. м-р Оливера Џекиќ на гостите им го објаснуваше значењето на иконостасот, односно врвната уметност на познатата македонска резбарска школа.

Истовремено, беше посетена и Мустафа Пашината Џамија, каде гостите имаа можност да се запознаат со оваа значајна момументална градба од петнаесетти век.

Поврзете се со нас

Бул. Партизански одреди, бр. 99, Скопје, Македонија

  • contact@utms.edu.mk

Фондација и стипендии

Галерија

Newsletter

Пребарај