Универзитет Скопје е добитник на Светската туристичка награда за 2026 година во категоријата „Најдобра образовна програма за туризам“, како признание за успешната реализација на програмата „Паметни вештини за паметна иднина – Дигитализација во туристичкиот бизнис“ (Smart Skills for Smart Future – Digitalization in Tourism Business), спроведена во рамките на програмата Еразмус+.
Свечената церемонија на доделување на Светските туристички награди се одржа на 9 ноември 2026 година во Кралските музеи за ликовни уметности во Брисел, Белгија, во рамките на Годишниот состанок на Глобалниот туристички форум (Global Tourism Forum Annual Meeting).
Инаку, Делегација на Универзитет Скопје, на 9 и 10 ноември 2026 година, во Брисел, учествуваше на Годишниот состанок на Глобалниот туристички форум (Global Tourism Forum), кој ги обедини водечките меѓународни претставници, државни лидери, инвеститори и експерти од туристичката индустрија, со цел да се разгледаат клучните предизвици и можности за идниот развој на светскиот туризам.
Првиот ден од состанокот, под мотото „Глобално лидерство и инвестиции“, беше посветен на значењето на инвестициите како двигател на туристичкиот развој и јакнењето на довербата во туристичките дестинации. Во фокусот беа глобалните инвестициски перспективи, привлекувањето странски капитал, развојот на хотелската индустрија, инфраструктурното поврзување, одржливите инвестиции и климатската отпорност на туристичките дестинации.
Преку низа тематски сесии и дијалози на високо ниво, учесниците разменија искуства и визии за претворање на стратешките планови во конкретни инвестициски проекти, унапредување на јавно-приватното партнерство и создавање поволни услови за долгорочен туристички раст. Посебно внимание беше посветено и на улогата на владите и меѓународната соработка во зајакнувањето на конкурентноста на туристичките дестинации.
Програмата на првиот ден беше заокружена со доделувањето на Светските туристички награди (World Tourism Awards), со кои се оддава признание на извонредните достигнувања, иновациите и лидерството во глобалната туристичка индустрија, по што следуваше свечена гала-вечера и можност за воспоставување нови меѓународни партнерства и деловни контакти.
Добивањето на оваа награда, претставува значајно признание за Универзитет Скопје и дополнителен поттик за продолжување на активностите насочени кон иновативно образование, дигитална трансформација и создавање квалификувани кадри кои ќе придонесуваат за одржливиот развој и конкурентноста на туристичкиот сектор.
Во вторник, на 10 ноември, фокусот беше ставен на безбедноста и довербата на патниците. На сесиите се дискутираше за начините за обезбедување на границите, истовремено овозможувајќи полесно нивно преминување,заштитата на податоците на патниците и безбедноста на патниците во воздушниот и поморскиот транспорт. На завршниот панел се дискутираше за тоа како туристичките дестинации можат да се подготват за климатски нарушувања и вонредни состојби во јавното здравство. Форумот заврши со усвојувањето на Бриселската агенда за инвестиции и безбедност во туризмот.
Овој светски собир во Брисел беше можност за делегацијата на Универзитет Скопје да оствари многубројни контакти со највисоките претставници на Глобалниот туристички форум, како и да договори идна соработка и партнерства со повеќемина од нив.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2822-2026-3#sigProIdb5c6749133
