“Педесет земји во светот живеат во услови на конфликт, а на туризмот не може да се гледа одвоено од ваквата глобална ситуација. Верувам во свет на дијалог во заеднички интерес и севкупен развој”, изјави генералната секретарка на UN Tourism, Н.Е. Шеиха Ал Нуваис, на отворањето на 126-та сесија на Извршниот совет на UN Tourism. На состанокот, на кој присуствуваше и делегација на Универзитет Скопје, највисоки претставници од државите членки главно дебатираа за идниот развој на туризмот во современиот свет и за предизвиците со кои се соочува.
Ни беше чест и големо задоволство, уште пред почетокот на официјалниот дел, да се сретнеме со генералната секретарка на UN Tourism, Н.Е. Шеиха Ал Нуваис, на коктелот за добредојде за учесниците на овој глобален состанок на светската елита во туризмот.
Ова беше вредна можност за размена на мислења и идеи, како и за потврда на нашата заедничка посветеност кон иднината на глобалниот туризам. Првата средба со неа ја остваривме во ноември 2025, во Ријад, на одбележувањето на 50 годишнината на UN Tourism, кога беше избрана на таа функција.
Делегацијата на Универзитет Скопје, предводена од Ректорот Аце Миленковски, деканот Сашко Граматниковски и менаџерот за односи со јавност, Љупчо Наќев, во Толедо, Шпанија, во официјалниот дел, најнапред, на 10.06.2026, присуствуваше на 9-тиот состанок на Комитетот за прашања поврзани со придружното членство, кој се одржа во рамките на 126-та сесија на Извршниот совет на UN Tourism.
Овој Комитет е тело одговорно за прашања поврзани со придружното членство и служи како главна институционална платформа за дијалог меѓу земјите-членки, придружните членки и Секретаријатот за прашања поврзани со јавно-приватната соработка во рамките на UN Tourism.
На состанокот, поздравно обраќање имаше генералната секретарка на UN Tourism, Н.Е. Шеиха Ал Нуваис.
Се дискутираше за улогата на придружните членки во подготовките за Меѓународната година на одржлив и прилагодлив туризам 2027, како и за презентации и студии на случаи што ги прикажуваат практичните придонеси од придружните членки во поддршка на приоритетите на земјите-членки и Програмата за работа на UN Tourism.
Ова претставуваше можност за ангажирање со земјите-членки кои работат во Комитетот, следење на дискусиите за идниот развој на придружното членство и јавно-приватната соработка и стекнување увид од прва рака во приоритетите и стратешките насоки на Светската туристичка организација на Обединетите нации во овие области.
Универзитет Скопје е дел од придружните членки од 2010 година.
За време на состаноците во Толедо, Ректорот Миленковски им врачи покани на генералната секретарка на UN Tourism, Н.Е. Шеиха Ал Нуваис, на директорот на придружните членки Ион Вилцу, како и на Антонио Лопез Де Авиља, директор за иновации, едукација и инвестиции да ја посетат Македонија, како и Универзитет Скопје, во октомври годинава, на одбележувањето на 20 годишнината од основањето на нашиот универзитет.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2787-126-un-tourism#sigProId89e3f7a508

ЗАПОЗНАЈ СЕ СО ИСТОРИЈАТОТ