Денеска, во Амфитеатарот на Универзитетот Скопје, се одржа 11. Собрание на Здружението на професори по географија на Македонија „Проф. д-р Љубе Миленковски“ – Скопје, на кое нејзините членови прославија десетгодишен јубилеј.
Во преполниот Амфитеатар, на наставниците по географија од основните и средните училишта во Македонија прв им се обрати и им го честиташе јубилејот претседателот на Здружението, проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитетот Скопје, институцијата што е главен покровител на Здружението од неговото основање.
„Географијата мора и ќе биде национален предмет!“, истакна тој во својот говор, застанувајќи цврсто зад оваа иницијатива на Здружението, кое неодамна одржа средба со министерката за образование, проф. д-р Весна Јанева. „Географијата е основа за развојот на државата и за нејзиното позиционирање во светски рамки, а политичарите треба и мора да ги слушаат географите“, нагласи тој.
На присутните им се обрати и амбасадорот на Босна и Херцеговина во Македонија, Н.Е. Драган Јаќимовиќ. Воодушевен од гостопримството, гостољубивоста, смислата за хумор и оптимизмот на Македонците, кои многу го потсетуваат на земјата од која доаѓа, амбасадорот Јаќимовиќ во својот говор изјави:
„Македонија ми е втората татковина. Среќен сум што сум пријател на Универзитетот Скопје и на ректорот Аце Миленковски!“
„Се трудам и ќе направам сѐ што можам како амбасадор за оваа земја“, нагласи тој.
За значењето на Здружението и неговиот придонес кон афирмацијата на географијата како исклучително важен предмет во националното образовани, зборува и фактот што Јубилејот на членови им го честиташе и поранешниот амбасадор во Бугарија, г-н Марјан Ѓорчев. Во својот поздравен говор, тој се осврна на геополитиката на современите случувања во нашата земја и во регионот.
„Со членството во НАТО, Македонија е полусуверена држава, а за тоа склучивме два несреќни договора – со Бугарија и со Грција. Задачата на Македонија е да биде гарант за безбедноста, развојот и економската стабилност на своите граѓани - но тешко ни оди“, истакна тој.
Во своето видео-обраќање до присутните, проф. д-р Жу Јашионг од Универзитетот за образование во Жеџијанг и Потпретседател на Стопанската комора од Покраината Жеџијанг, Кина, ја истакна важноста на економската соработка за развојот на Македонија.
Пред почнувањето на Седницата на Здружението, негова делегација положи свежо цвеќе на гробот на својот патрон, проф. д-р Љубе Миленковски. Крајот на Седница беше одбележан со доделување Златни плакети „Проф. д-р Љубе Миленковски“ на истакнати и заслужни професори, кои дале особен придонес за развој на географијата и афирмација на Здружението.