Во преполн амфитеатар и во присуство на студенти и професори, денес се одржа Првиот свечен академски час, со што беше одбележан почетокот на наставата за студентите запишани на прв циклус студии во учебната 2024-2025 година.
Во амфитеатарот на Универзитетот, по интонирањето на македонската химна и на студентската химна „Gaudeamus Igitur“, со пригоден говор на студентите им се обрати ректорот на Универзитетот, проф. д-р Аце Миленковски. Тој го претстави својот тим – проректорите, деканите, професорите и административниот кадар на Универзитетот и од името на сите свои соработници им посака топло добредојде на новите студенти заблагодарувајќи им што се дел од големото семејство на УТМС.
Во своето обраќање, проф. д-р Аце Миленковски особено ја истакна посветеноста на наставниот кадар на Универзитетот во реализацијата на квалитетна настава со примена на методологијата на студирање по системот на трансфер на кредит според Болоњската декларација, потенцирајќи ја посебноста на УТМС како единствен универзитет во државата што доследно го спроведува овој систем со примена на дигиталните технологии, кои истовремено овозможуваат и непристрасна мерливост на знаењето.
На нашите нови колеги им посакуваме успешни студентски денови!
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2614-svechen-akademski-chas-se-odrzha-na-univerzitetot-skopje#sigProId6682c52c6c