Образованието е основата на секој од нас, онаму каде започнува секој животен век и таму каде што се мерат сите животни вредности, патоказот за квалитетно образование го формираме сите ние. Ова е пораката што беше испратена од академската фела на Универзитeтот Скопје на регионалната конференција „Профемина” во организација на магазинот „Убавина и здравје” под мотото „Нова женска енергија”.
Проф. д-р Виолета Миленковска, порача дека знаењето е најмоќната алатка за се во животот и затоа образованието треба да биде приоритет на сите идни владини политики за закрепнување и поправка на штетата предизвикана од пандемијата, но и од досегашните последици од експерименталните реформски зафати.
„Вината за сите пропусти и вака осакатено образование не е во реализаторите на наставата, туку повторно во оние кои се задолжени да креираат и контролираат имплементација на образовни програми. Несредениот и колабиран образовен систем како една карика на општеството е само еден дел од мноштвото причини за одлив на младите кадри надвор од татковината“ рече Миленковска.
Доц. д-р Викторија Трајков, кариерен дипломат и универзитетски професор порача дека никој не сака да живее во дисфункционална држава и во корумпирано општество без основни услови за живот.
„Секој млад човек без разлика каде и да живее сака среден систем, систем на вредности каде ќе биде вреднуван како индивидуа. Македонија е бренд сама по себе, како велат: само сонцето е постаро од Македонија, но ние не научивме дека треба да го искористиме секое нејзино ќоше кое е инспиративна приказна за секој еден кој живее надвор“ смета Трајков.
„Само образовани луѓе можат да го менуваат општеството и да ги следат светските трендови“ - порача м-р Билјана Трендафилова, која го модерираше панелот посветен на образованието.
Моќни пораки испратија и најдобрата студентка на генерацијата Мартина Нанева и менаџерката во Мериот, Александра Митрова, инаку Алумни на Универзитет Скопје. Тие им порачаа на младите дека многу важен патоказ во професионалната кариера е изборот на високообразовната институција.
Токму Универзитетот Скопје постојано вложува во квалитетно образование за нашите студенти, за да ги мотивира младите на настанот беше доделена и целосна стипендија за постдипломски студии. На настанот учествуваа видни личности од општествениот живот во Македонија дебатирајќи на различни актуелни теми поврзани со жените.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2520-obrazovanieto-patokaz-vo-zhivotot#sigProId28f25ac9fb