Ректорот на Универзитет Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, како официјален гостин присуствуваше на првиот академски час на Аграрниот универзитет во Пловдив, Бугарија, во текот на вчерашниот ден.
На овој исклучителен настан, кој Универзитетот традиционално го организира за да го означи започнувањето на новата академска година, беа присутни голем број гости, пријатели и партнери на Универзитетот од земјата и од странство. Меѓу гостите беа и министерот за образование и наука на Бугарија, проф. д-р Галин Цоков, министерката за социјална политика на Република Конго, проф. д-р Ирен Мбоку-Кимбаца, како и министерката за земјоделство и стопанство на Република Конго, проф. д-р Розали Матондо.
На присутните им се обратија ректорот на Аграрниот универзитет, проф. д-р Христина Јанчева, како и министерот за образование на Бугарија, проф. д-р Галин Цоков, кои на новите студенти на Универзитетот им посакаа многу успеси во текот на деновите што ќе ги поминат на оваа високообразовна институција. Поздрав до студентите во своите пригодни говори упатија и проф. д-р Ирен Мбоку-Кимбаца и проф. д-р Розали Матондо, двете министерки од Република Конго и алумни на Универзитетот, кои сами по себе со својот успех говорат за квалитетот на образовниот процес и за престижот на оваа институција.
Настанот го збогати со свој настап и ансамблот на Музичката академија во Пловдив, кој во репертоарот за оваа свечена пригода изведе и делови од Вердиевата „Травијата“. Знамето на Универзитетот, со марш што никого не остави рамнодушен, во амфитеатарот во кој се одвиваше свеченоста го внесоа студентите на Универзитетот. Симболот на институцијата беше пречекан и испратен на ист начин, со нескриено воодушевување од публиката, а со неговото испраќање, заврши и официјалниот дел на свеченото отворање на новата академска година на Аграрниот универзитет во Пловдив.
На маргините на настанот, ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, оствари куси средби со министерот за образование и наука на Бугарија, проф. д-р Галин Цоков, со министерката за социјална политика на Република Конго, проф. д-р Ирен Мбоку-Кимбаца, како и со министерката за земјоделство и стопанство на Република Конго, проф. д-р Розали Матондо.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2490-rektorot-milenkovski-na-otvoranjeto-na-akademskata-godina-na-agrarniot-univerzitet-vo-plovdiv-bugarija#sigProId43289b7c26