Универзитетот Скопје денеска беше во посета на Универзитетот за телекомуникации и пошти во Софија, Бугарија, по повод почетокот на академската година и свеченото доделување дипломи во оваа институција. На исклучително важниот настан што универзитетот-домаќин го организираше по овој повод, присуствуваа министри, пратеници, професори, родители, студенти од Бугарија, но и гости од странство, а присутните ги поздравија високи претставници на јавните институции, партнерите на Универзитетот и на бизнис-секторот.
Меѓу говорниците на настанот, особено гласни аплаузи со својот говор предизвика обраќањето на проф. д-р Аце Миленковски, ректорот на Универзитетот Скопје.
„Доаѓам од Македонија, од вашата сестринска држава, во Бугарија, нашата братска држава. Но, ќе ја оставам политиката настрана, зашто знаењето е сила, знаењето е моќ што не познава бариери“, истакна ректорот Миленковски во своето обраќање.
Тој се надоврза дека професорската работа е апостолска и извонредно важна во едно општество, еднакво како и лекарската, зашто учителите се тие што ги описменуваат, ги образуваат и ги социјализираат децата и младите како идни лидери во општеството.
„Од почетокот на човештвото до денеска, во сите цивилизации што постоеле, најважни столбови на општеството биле здравството и образованието. Само здрави и писмени луѓе може да изградат меѓусебна толеранција и силно општество“, им порача ректорот Миленковски на настанот.
„Ви носам на сите големи и топли поздрави од студентите во мојот Универзитет и ве поканувам да нѐ посетите. Ве замолувам и вас со силен аплауз да ги поздравите вашите професори, едни од најважните луѓе во секое општество, но и ректорот Темелкова, под чие водство учевте и ќе учите во следните години!“, ги покани ректорот Миленковски присутните да го поздрават академскиот кадар на Универзитетот за телекомуникации и пошти во Софија, Бугарија.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2489-delegacija-na-univerzitetot-skopje-vo-poseta-na-univerzitetot-za-telekomunikacii-i-poshti-vo-sofija-bugarija#sigProId06bfac5494