Вчера на Универзитетот „Скопје“ се одржа обука за професори на тема „Детекција и справување со булинг во училиштата“. На обуката присуствуваа вкупно 32 професори, и тоа 22 од СМУГС „Шаип Јусуф“ и СУГС „Владо Тасевски“ од Скопје, како и претставници од Министерството за образование и наука на Македонија. Учесниците на обуката добија и сертификати.
Во своја неодамнешна изјава за МИА, проф. д-р Лазар Нанев, претседател на Основен суд Кавадарци и претседател на државниот Совет за превентива против малолетничка деликвенција, посочи дека околу 25 до 30 отсто од средношколците во државата вршат одредено врсничко насилство, а додека 14 отсто потврдуваат дека биле жртви, и тоа подолг временски период.
Неодамнешните случувања во соседна Србија со повеќекратното убиство на соученици и училиштен персонал што ги изврши малолетник во своето училиште, кој и самиот бил жртва на врсничко наислтво, е грозоморен показател за последиците на оваа антисоцијална појава врз психичкото здравје на децата и на младите. Улогата на наставниците е клучна во раното детектирање и справување со овој горлив проблем во училиштата.
Препознавајќи ги секогаш предизвиците со кои се соочуваат младите и наставничкиот кадар во образовниот процес на денешните генерации, Универзитетот „Скопје“, како општествено одговорна високообразовна институција тежнее да даде свој придонес во нивното надминување. Оттаму доаѓа и нашиот ангажман да организираме и да одржуваме редовни обуки на темата булинг за наставници од основните и од средните училишта. На овој начин покажуваме дека се грижиме за образованието и за здравјето на нашите деца, тие врз кои почива иднината на нашата татковина!
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2454-profesori-od-srednite-uchilishta-povtorno-na-obuka-za-detekcija-i-spravuvanje-so-buling#sigProId1ef9e91904