Универзитетот Скопје ќе обезбеди награди за најдобрите ученици што ги освоија првото, второто и третото место на Државниот натпревар по географија за ученици од основните училишта. Денеска се објавени официјалните ранг-листи од натпреварот што се одржа во изминатата сабота, на 13.05.2023 година, во просториите на Универзитетот, а во организација на Здружението на професори по географија на Македонија „Проф. д-р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје.
На државниот натпревар учествуваа над 140 ученици од целата држава што освоиле прво, второ и трето место, како и сите натпреварувачи кои имаа освоено над 85 бода на регионалните натпревари по географија во организација на Здружението од пред неколку седмици. Неофицијалните резултати организаторот ги објави уште во саботата веднаш по завршувањето на натпреварот, а по разгледувањето на приговорите, официјалните ранг-листи беа објавени денеска на страницата на Здружението - https://www.geograf.mk/novosti.
Универзитетот Скопје, како општествено одговорна високообразовна институција е долгогодишен поддржувач на натпреварите по географија за основните училишта во државата, обезбедувајќи целокупна логистичка поддршка за нивното одржување, како и награди за најдобрите. На овој начин покажуваме дека се грижиме за младите и за нивното образование како влог во подобра иднина и посреќни генерации во татковината!