И неколку дена по промоцијата на документарниот филм за македонската фудбалска легенда Дарко Панчев, „Патот на Кобра до ѕвездите”, реакциите во медиумите за овој спектакуларен историски настан не стивнуваат, ниту во Македонија ниту во Србија.
„Дарко Панчев: доказ дека може да се успее“, напиша авторот на прилогот по повод промоцијата на филмот, во Спортскиот журнал на српскиот дневен весник Политика, ден по настанот.
На порталот Моцартспорт, прилогот со наслов „Ѕвездината Кобра го собра фудбалскиот крем: Пикси, Дејо, Ѓуровски, Дика на спектакл во Скопје”, констатираше дека салата во Александар Палас дента на промоцијата била премала да ги собере сите гости што дојдоа да ѝ направат чест на „златната копачка” и да го проследат премиерното емитување на филмот.
Српскиот Телеграф, ден по настанот објави: „Публиката во хотелот Александар Палас беше воодушевена. Овации и аплаузи по завршувањето на документарниот филм Патот на Кобра до ѕвездите за фудбалското патување на еден од најдобрите фудбалери на поранешна Југославија и поранешна Златна копачка на Европа, кој со белградските црвено-бели ги освои Европа и светот“.
Промоцијата на филмот се одржа на 24 април во Александар Палас во организација и под покровителство на Универзитетот Скопје. „Патот на Кобра до ѕвездите“ ќе се емитува како серијал од 6 епизоди на Спорт клуб, од почетокот на септември оваа година. Зборува за животот и кариерата на Дарко Панчев од неговото раѓање во Кисела Вода, па сѐ до неговите најголеми успеси и светската круна со Црвена ѕвезда. Под генерално покровителство на Универзитетот Скопје, филмот е реализиран во организација и копродукција на Спорт клуб телевизија, Спортско радио 90,3 и Спорт нетворк продукција.