Во вчерашното издание на „Добро утро Македонијо, секое утро“ на ТВ Алфа, кај водителката Сузана Турунџиева, гостуваа ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски и директорот на Спортско радио 90.3, Тони Митев. Повод за ова утринското гостување беше промоцијата на документарниот филм „Патот на Кобра до ѕвездите“, посветен на македонската фудбалска легенда Дарко Панчев. Филмот беше премиерно емитуван на ексклузивна светска промоција организирана од Универзитетот Скопје, која се одржа на 24 април во „Александар Палас“.
„Интересот за настанот ги надмина сите наши очекувања. Имавме наредено четиристотини и триесет столчиња, очекувавме најмалку 20-30 да останат празни. Напротив, доредивме уште најмалку 80, а покрај ѕидовите на третата конференциска сала на хотелот стоеја уште околу 200 гости. Дојдоа речиси двојно повеќе од поканетите. На крајот, моравме до донесеме плус четири столчиња за Дарко и за неговото семејство“, раскажуваше ректорот Миленковски за посетеноста на настанот. „Иако многу се обидуваат да го оспоруваат, со ова Дарко ја покажа својата атрактивност и денеска. Собра ексклузивни гости, како Неговото блаженство, Архиепископот на Македонската православна црква, господин-господин Стефан, професорот Васил Тупурковски, првиот претседател на Македонскиот олимписки комитет, академикот Владо Камбовски, почитуваните Свето Јаневски и Трифун Костовски, плејада фудбалери од најславните денови на Вардар и на Црвен ѕвезда. Тука беа Васил Рингов, еден Дејан Савичевиќ, еден Драган Стојковиќ – Пикси“, се надоврза Миленковски коментирајќи ја неоспорната успешност на промоцијата на филмот посветен на македонската Кобра.
Ректорот Миленковски ја изрази и својата длабока благодарност до соработниците и до продуцентите на филмот за привилегијата што ја доби Универзитетот Скопје да биде генерален покровител на овој проект и организатор на самата промоција. За мотивите да се вклучи во ваков спортски подвиг, ректорот Миленковски нагласи дека Универзитетот Скопје во соработка со Македонскиот олимписки комитет, отсекогаш поддржувал истакнати спортисти во нашата татковина, вклучително и со обезбедување стипендии за редовни студии на Универзитетот Скопје. Истакна и дека интересот за Универзитетот Скопје расте од година во година, а особено за факултетот за менаџмент на човечки ресурси.
„Упорноста се исплатува. Кога го акредитиравме за прв пат овој факултет во 2009 година, интересот беше толку мал што размислувавме дури и да го ставиме во мирување. Но еве, по години, тој е најатрактивниот. Се исплатеше и упорноста на Дарко Панчев и на Спортското радио и на продуцентите, со таа упорност стигнавме до промоцијата во Александар Палас“, нагласи ректорот Миленковски.
„Ова го направивме за младите, но и за сите минати генерации да се потсетат, да се присетиме и ние, сегашните генерации кои навивавме за Вардар, за Црвена ѕвезда или за Дарко Панчев, за сите млади, на кои некои упорно се обидуваат да им ја избришат колективната меморија, за сите идни генерации, на промоцијата го споменав и мојот петгодишен внук, кога ќе го гледаат филмот, да знаат и да паметат дека ова поднебје, оваа земја, нашата татковина, раѓа големи великани, големи синови“, нагласи на крајот од своето гостување ректорот Миленковски.
Тони Митев, директор на Спортското радио, изрази длабока благодарност до Универзитетот Скопје за професионалноста и за посветеноста во реализацијата на целокупниот проект.
„Сѐ што требаше да се направи се направи, тимот на Универзитетот Скопје работеше со врвен професионализам, деновите пред промоцијата и до доцните часови!“, истакна Митев за подготовките на промоцијата.
„Патот на Кобра до ѕвездите“ ќе се емитува како серијал од 6 епизоди на Спорт клуб, од почетокот на септември оваа година. Зборува за животот и кариерата на Дарко Панчев од неговото раѓање во Кисела Вода, па сѐ до неговите најголеми успеси и светската круна со Црвена ѕвезда. Под генерално покровителство на Универзитетот Скопје, овој филмски документ со историска вредност за македонскиот спорт е реализиран во организација и копродукција на Спорт клуб телевизија, Спортско радио 90,3 и Спорт нетворк продукција.