По повод Форумот за женско лидерство, кој во пресрет на Меѓународниот ден на жената ќе се одржи на 6 март 2023 година во амфитеатарот на Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, на Утринската програма на ТВ Телма гостуваше доц. д-р Викторија Трајков, професорка на Универзитетот.
Во утринскиот разговор со новинарот, професорката Трајков истакна дека иако во последната деценија гласно се зборува за родова еднаквост, статистиката во Македонија е поразителна. Таа нагласи дека присуството на жените во политиката и во управувачките структури на бизнисот е повеќе симболична отколку реална, но изрази надеж дека младите ќе ги променат работите во однос на поделбата на машки и женски професии. Дека постои напредок на планот на родовата еднаквост, особено во градските средини, посочува фактот дека полека се надминува стереотипот за женски и машки работи во рамките на домот и семејството, но и податокот од заводот за статистика дека во високото образование доминира женската популација. Таа истакна дека, иако жените се поврзуваат најмногу со традиционалните улоги што ги играат во општеството, тие сепак играле важна улога во многу клучни историски моменти за државата, како на пример, во македонската преродба.
„Жените доминираат како женска популација и на нашиот универзитет“, истакна доц. д-р Викторија Трајков за матичната институција од која доаѓа и каде што ја гради својата професорска кариера, Универзитетот за туризам и менаџмент, кој е воедно и организатор на настанот.
Форумот ќе се одржи на 6 март 2023 година, во амфитеатарот на Универзитетот за туризам и менаџмент, со почеток од 11 часот. Под мотото „Жените пишуваат историја“, на петте панели организирани во рамките на Форумот, учество ќе земат истакнати жени-лидерки од Македонија и од странство, докажани во образованието, бизнисот, медиумите, дипломатијата и уметноста и културата.
Ве очекуваме!