Денеска, 12 декември 2022 година, во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје се одржа завршниот настан на манифестацијата „Европско Скопје“ во организација на Дирекцијата за култура и уметност на градот. Манифестацијата се одржува петта јубилејна година по ред, а оваа година нејзин главен поддржувач беше токму Универзитетот за туризам и менаџмент.
На манифестацијата беа прогласени најдобрите во активностите со натпреварувачки карактер организирани во нејзините рамки, а признанијата и наградите на најдобрите им ги врачи лично ректорот на Универзитетот, проф. д-р Аце Миленковски.
Под мотото „Фотографирај го европско Скопје“, најдобри фотографии од средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“ од Скопје изработија првонаградената средношколка Мирјана Спасовска, второнаградената Ања Атанасовска и третонаградениот средношколец Давид Анѓелковиќ. Од другите средни училишта, првата награда отиде кај Теодора Грзодановска, втората кај Милан Крстиќ и третата кај Адем Левиќ. Најдобри презентации на тема Моето европско Скопје изработија првонаградената студентка Ивона Заревска, второнаградениот Филип Бакоч и третонаградените Емине Михтар и Тамара Илиевска. Активноста беше спроведена меѓу студентите на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.
На конкурсот „Есеј за старо Скопје“ конкуренцијата беше голема. Меѓу пристигнатите над дваесет новинарски есеи на темата, првата награда ја зеде новинарот Петар Догов од Телма ТВ, втората отиде во рацете на Борис Груевски од Алфа телевизија, а третонаградена беше Александра Филиповска, новинарка на издавачката куќа Три.
Во пригодниот поздравен говор по врачувањето на наградите, ректорот Миленковски, истакна дека Универзитетот е секогаш таму каде што е неопходно и клучно да се поддржат културата и уметноста во градот. Во тој контекст, тој му додели Златна плакета за развој, негување и заштита на културните вредности на градот Скопје на директорот на Дирекцијата за култура и уметност на градот, господинот Никола Глигоров. Глигоров искажа длабока благодарност за признанието, но пред сѐ за поддршката што годинава ја обезбеди Универзитетот за Дирекцијата и за нејзините традиционални манифестации – Скопското лето, Есенските музички денови и Деновите на европско Скопје – манифестации што веќе претставуваат препознатливи трајни вредности на градот. Тој истакна дека без Универзитетот, во недостиг на поддршка од националните и од локалните институции, оваа година Дирекцијата немало да има толку успешна и богата програма.
На крајот на настанот, ректорот проф. д-р Аце Миленковски и директорот Никола Глигоров потпишаа Меморандум за соработка помеѓу Универзитетот и Дирекцијата, обврзувајќи се да продолжат да соработуваат на полето на културата и на уметноста.
Оваа година, благодарение на поддршката на Универзитетот, манифестацијата Денови на европско Скопје инспирираше и анимираше над 100 млади луѓе, кои ги откриваа и ги презентираа културното и јазичното богатство и традициите негувани во градот како дел од неговиот модерен европски идентитет.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2167-mnogu-nagradi-za-mladite-uchesnici-i-novinari-na-denovi-na-evropsko-skopje#sigProId9c436a61d6