Денеска, 6.12.2022 година, во амфитеатарот на Универзитетот, гостинско предавање пред студентите одржаа Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и за поддршка на туризмот и Методи Чилиманов, тур-оператор, како учесници во проектот „ИМЕ“, поддржан од швајцарската амбасада, а насочен кон зголемување на вработливоста во Македонија. Проектот поддржува развој на иновативни производи и услуги во неколку стопански гранки, меѓу кои и туризмот.
Присутните студенти и гости ги поздравија проректорот за настава, проф. д-р Мијалче Ѓоргиевски и деканот на Факултетот за туризам, проф. д-р Сашко Граматниковски. Во своето пригодно обраќање, проректорот Ѓоргиевски истакна дека светскиот растечки тренд и интерес за активниот туризам треба да се искористи и кај нас, особено поради спецификите на природните ресурси со кои располага Македонија. При тоа, тој нагласи дека треба да се земат предвид светските искуства во развојот на ваква туристичка понуда, кои би можело да се приспособат на нашите локални услови.
Директорот на Агенцијата за промоција и за поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, го претстави новиот слоган под кој ќе се промовира Македонија како туристичка дестинација во иднина, „Taste Life“ („Вкуси го животот“). Директорот истакна дека тој ги следи потребите на младите за активен односно искуствен туризам, а и дека целокупната поддршка што ја нуди Агенцијата за туристичкиот сектор е усогласена со процесите на европската дигитална агенда. Целта на стратегијата за туризмот на државата е преку развој на туристичка понуда за сите четири сезони со опции за сечиј вкус, до 2025 година да се достигнат 5 милиона ноќевања годишно.
Методи Чилиманов, тур-оператор за активен туризам, ја раскажа својата лична приказна за тоа како својата пасија кон планините и зимските спортови ја преточил во своја професија. Тој и неговиот тим денеска соработуваат со различни деловни партнери за да понудат атрактивни програми за своите клиенти што сакаат да ги доживеат убавините на Шара во текот на целата година. Нудат скијање по непристапни места, возење велосипед по планини, прекрасна традиционална храна и локално вино и пиво во хотелите со кои соработуваат.
Гостинските предавања се интегрален дел од методологијата на работа на Универзитетот за туризам и менаџмент. Преку нив, студентите имаат можност да се запознаат со реалните случувања и предизвици во областите во кои се специјализираат, како прв чекор кон преточувањето на теоријата во практика.