Денеска и утре, 2 и 3 декември 2022, тимот на Универзитетот за туризам и менаџмент учествува на Седмата меѓународна конференција „Телекомуникации, информатика, енергија и менаџмент – ТИЕМ 2022“, во организација на Универзитетот за телекомуникации и пошта од Софија, која се одржува во Софија, Бугарија.
На ректорот Миленковски му беше укажана довербата да им се обрати на присутните како еден од главните говорници на отворањето на Конференцијата, заедно со ректорката на Универзитетот за телекомуникации и пошти од Софија, менаџерот на „CISCO Systems“ за Источна Европа и основачот и директорот на „The Institute for Cyber Policy for the Energy Sector under Cyber Attacks“.
Во своето обраќање, Миленковски се осврна на потребата од нова парадигма во образованието во времето на глобална технолошка транзиција, истакнувајќи дека наместо да се плашиме од роботизација на човекот, треба да се потрудиме да ја хуманизираме технологијата за да му служи на човештвото. Тој го изрази и својот став дека секоја образовна реформа мора да биде приспособена на социо-културните специфики на едно општество, нагласувајќи дека не постои универзална образовна реформа што им одговара на сите. За ректорот Миленковски, последната глобална здравствена, политичка и економска криза јасно го исцртува патот на образованието во иднина – јавноста сѐ повеќе јасно и гласно бара научни одговори на глобалните предизвици отколку празни реторики.
Научните излагањата на учесниците на Конференцијата покриваат три главни теми, и тоа: првата – менаџмент, економија, водство и претприемништво, втората – телекомуникации и информатичка технологија и третата – ИТ-безбедност – закани, мониторинг и справување со заканите. Во рамките на првата тема, беше претставен и трудот на доц. д-р Ангела Миленковска Климовска од Универзитетот за туризам и менаџмент во коавторство со нејзините хрватски колеги, проф. д-р Слободан Ивановиќ од Универзитетот во Риека и проф. д-р Загорка Иванковиќ од Школата за хотелиерство и туризам во Опатија, а со наслов „Аспекти на сезонскиот карактер на хотелскиот бизнис“.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2158-rektorot-milenkovski-glaven-govornik-na-otvaranjeto-na-sedmata-megjunarodna-konferencija-tiem-2022-vo-sofija#sigProIdf560c1077d