Денеска, во просториите на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје се одржа трибина на тема „Јазикот – културно богатство на цивилизациите“, на која учествуваа средношколци од Скопје. Трибината се одржа во рамките на манифестацијата „Денови на европско Скопје”, во организација на Дирекцијата за култура и уметност на градот, а со поддршка од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. Како општествено одговорна организација, со поддршка на оваа манифестација, Универзитетот испрати порака до младите да се грижат и да го негуваат јазикот како најскапоцено духовно наследство и фундамент на секоја цивилизација.
На трибината настапија 30 ученици од средните училишта од градот, кои се претставија со свои песни, раскази, состави и есеи за Скопје. На трибината можеше да се чуе богатство од јазици: македонскиот, турскиот, албанскиот, германскиот, англиски, францускиот, италијанскиот и германскиот јазик. По трибината, сите учесници имаа можност да ја посетат спомен-собата на основоположникот на македонизмот како политички проект, Крсте Петков-Мисирков.
Трибината ја отвори д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик, која изрази силна поддршка за проектот. М-р Филип Белчев, вработен во Институт и ментор на средношколците што учествуваа на трибината ја истакна важноста на јазикот како основа за развој на цивилизациите, а особено како белег на нивниот културен идентитет.
М-р Елизабета Кузмановска, авторка на проектот и на манифестацијата „Денови на европско Скопје“ јавно им вети на учесниците дека Дирекцијата ќе се потруди оваа трибина да стане традиционална, со натпреварувачки карактер од следната година.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2155-univerzitetot-za-turizam-i-menadjment-sekade-kade-shto-se-slavat-jazikot-civilizaciite-i-kulturniot-identitet#sigProId5b6ff8c810