Искрениот и топол поздравен говор на ректорот Миленковски на свечениот настан во амфитеатарот на Универзитетот за туризам и менаџмент по повод доделувањето 220 стипендии во 30 општини од цела Македонија преку Фондот за стипендирање „Проф. д-р Љубе Миленковски“ предизвика многу емоции меѓу присутните студенти-стипендисти.
Потврда за тоа е и прекрасното писмо на благодарност што го добивме вчера од Бојана Ѓорѓиевска, студентка од Скопје и добитник на една од доделените стипендии. Бојана ни се заблагодари за подадената рака да си го оствари својот сон, во големото семејство на УТМС, во кое секој студент е богатство, како што порача ректорот Миленковски на самиот настан.
Преточувајќи го зборот секогаш во дело, ректорот Миленковски ја покани студентката Ѓоргиевска на средба во својот кабинет и ѝ подари прекрасна книга во знак на почит, посакувајќи ѝ успешен почеток на студиите!
Во прилог го пренесуваме писмото на Бојана Ѓорѓиевска во целост.
Ти благодариме Бојана за прекрасните зборови и ти посакуваме топло добредојде во нашето семејство!
Почитуван ректоре,
Јас сум една од новите студенти-стипендистки на Вашиот Универзитет. На 31.10.2022 година имав чест и задоволство да присуствувам на свечениот час во амфитеатарот на УТМС, каде што Вие одржавте импресивен говор.
Искрено, од срце, имав желба да го споделам ова мое пријатно искуство што побуди силни чувства кај мене. Бев воодушевена. Во денешната груба реалност ретко се запознава човек како Вас!
Се воодушевив од пристапот и од начинот на кој ги презентиравте Универзитетот, како и начинот на студирање и на учење. Пристапот ни малку не беше вообичаен. Сѐ беше толку народно кажано едноставно и мотивирачки, што е неверојатно колку емоции предизвика кај мене, а верувам и кај останатите стипендисти. Со целосно внимание Ве слушав од почетокот до самиот крај на презентацијата. Говорот изобилуваше со прекрасни метафори од секојдневието: големо семејство, уште поголемо богатство од знаења и искуства, бесценети пријателства стекнати токму на тој Универзитет, место каде што може да се усовршуваме и да се збогатуваме на секој можен начин...
Со Вашата постапка се претставивте како голем родољуб, човек што се грижи за општеството и за граѓаните на нашата Македонија. Огромна благодарност и честитки за прекрасната идеја да се стипендираат луѓе како мене, идеја што ќе израдува млади луѓе кои имале голема желба за студирање, но немале можност или доволна мотивација да го направат тоа.
Затоа, Ве поздравувам, Вас и Вашата несебична желба да го споделите Вашето „богатство“ со нас студентите, како и добрата волја да не поддржувате во понатамошното студирање и усовршување.
Со почит, Ваша сегашна и идна студентка, а се надевам и член на големото УТМС семејство, како што рековте во излагањето, дека секој студент само го зголемува богатството на Вашето и наше огромно семејство наречено УТМС.
Со почит,
Бојана Ѓорѓиевска
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2144-pismo-polno-so-emocii-i-sredba-so-rektorot-prof-d-r-ace-milenkovski#sigProId84c3266f22