Како што објави Општина Битола на своја официјална страница на Фејзбук, делегација на градот Бат Јам од Израел, преводена од заменик-градоначалникот Ури Бускила, престојуваше во работна посета на општината, каде што оствари средба со градоначалникот на Битола, г-н Тони Коњановски. По средбата, тие најавија дека двата града ќе започнат иницијатива за збратимување, на задоволство на своите жители и бизнис-заедници.
Градоначалникот на Бат Јам, г-н Цвикa Брот, заедно со својот заменик г-н Ури Бускила, како и градоначалникот на Битола, г-н Тони Коњаноски, беа гости на Првиот меѓународен форум за градоначалници, организиран од Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје на почетокот на јуни во оваа година.
На самиот Форум, како и во своето ексклузивно интервју за Магазинот за туризам и менаџмент на Универзитетот, г-н Цвика Брот им порача на своите колеги да ги согледаат работите низ очите на жителите, зашто креаторите на политиките, јавните службеници и избраните функционери не знаат секогаш сè. Тој истакна и дека еврејскиот народ и Израел како земја имаат долга историја, па оттука зачувувањето на историјата им е особено важно.
„Да не заборавиме што се случило во минатото, да ја зачуваме нашата разновидна култура и да учиме од минатото за да се развиваме и да имаме корист за иднината“, истакна градоначалникот на Бат Јам во своето ексклузивно интервју за јунскиот број на Магазинот на Универзитетот. Електронските изданија на списанието се достапни на https://magazinturizam.mk/e-izdanija.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2108-prviot-megjunaroden-forum-za-gradonachalnici-na-utms-so-konkreten-rezultat#sigProId30043e8aa6