„Идејата за организирање на Меѓународниот форум на градоначалници дојде од внатрешната потреба и желба да ѝ помогнеме на државата, да им го олесниме животот на граѓаните и да им бидеме ветер во грб на градоначалниците да ги реализираат своите програми“, изјави за МРТ проф. д-р Александра Стоилковска, деканка на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси при УТМС. Во разговорот за јавниот сервис, Стоилковска рече дека идејата за ваков престижен настан дошла од роудшоуто што Универзитетот за туризам и менаџмент го имаше низ општините во државата. „Како општествено одговорна високообразовна институција, сакаме да дејствуваме, не да набљудуваме, и затоа решивме да организираме меѓународен форум, на кој домашните општини слушнаа светски искуства од градоначалници од Израел, Франција, Словачка, Бугарија“, истакна Стоилковска на гостувањето на јавниот сервис. Првиот Меѓународен форум за градоначалници се одржа на 1 јуни, 2022 година во просториите на организаторот на настанот, УТМС.