На 02-ри Февруари 2020 година во Националната опера и балет во Скопје, по највисоки академски стандарди се одржа свечена промоција на единаесеттата генерација дипломирани студенти на прв циклус студии и на деветата генерација студенти на втор циклус студии на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. Настанот на автентичен начин ја отслика важноста на образованието во животниот пат на современиот човек, но и клучната функција која токму високото образование ја има во целокупното општество. Токму затоа, протоколот, содржините и почестите за дипломците и магистрите беа реализирани на врвно светско академско ниво.
На свечената промоција свое обраќање имаше ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, кој во својот говор потенцираше дека нашата држава и нашите млади заслужуваат квалитетно високо образование кое ќе им го трасира патот за иднината, а овозможувањето на услови за тоа е наша должност, но и наша чест. Тој, истакнувајќи ја фундаменталната и неприкосновена важност на високото образование во својот говор, се осврна и на неопходноста од посилно поврзување на образовниот сектор со бизнисот секторот, владиниот и невладиниот сектор, како корелација која е неопходна и клучна за развој.
УТМС како веќе етаблирана образовна институција има мисија на перманентно промовирање на моќта и улогата на знаењето, за што сведочат и импозантниот број на дипломирани студенти, високата стапка на вработливост на дипломците како и кариерниот успех на алумните со кои тимот на УТМС се гордее.
Со своето присуство промоцијата ја уважија истакнати личности од релевантни институции, претставници од деловната и академска заедница од земјата и странство.