Универзитетот за туризам и менаџмет и оваа година им овозможи на своите студенти да го посетат 44. Меѓународен саем за туризам „SAJAM TURIZMA“, кој се одржува секоја година во Белград. Овој саем претставува најголема и најзначајна туристичка манифестација во регионот на Југоисточна Европа. Студентите од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје беа предводени од проф. д-р Сашко Граматниковски, проф. д-р Далиборка Блажеска, проф. д-р Дејан Наковски и од асс. Горан Апостоловски. На саемската манифестација тие имаа можност да се запознаат со најновите трендови и случувања во туристичката индустрија, со новите концепти и можности за патувања, како и со нови перспективи во развојот на туристичкиот бизнис.
На Саемот, на љубителите на патувања им се нудат бројни атрактивни и егзотични дестинации, а голем број тур-оператори ја претставуваат својата понуда за тековната и за претстојната туристичка сезона.
На штандот на Република Македонија, на студентите им се обрати директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, д-р Љупчо Јаневски, кој ги запозна со идните можности и промотивни активности на нашата земја.
Студентите и професорите на УТМС беа дочекани со топло добредојде и од претставниците на Универзитетот Сингидунум од Белград, со кои имаме соработка која трае и се негува долги години.
Со посетата на Меѓународен саем за туризам, Универзитетот уште еднаш потврди дека на студентите постојано им нуди спој на теоријата со практиката, што е особено важно за компетенциите на дипломираните кадри на Универзитетот.