Денеска, студентите од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, предводени од проф. д-р Дејан Наковски и од асс. Горан Апостоловски, го посетија Меѓународниот саем за туризам „PHILOXENIA 2022“, кој се одржува секоја година во Солун. На Саемот, во траење од три дена, претставени се различни дестинации и туристички области, а посетителите имаат можност да се запознаат со целокупната понуда на различни тур-оператори за тековната и за претстојната туристичка сезона.
Нашите студенти при посетата, преку директни контакти со излагачите, имаа можност да се запознаат со светските туристички трендови и популарни дестинации, како и да ги осознаат најсовремените маркетиншки интерактивни пристапи кон глобалниот туристички пазар. Тие и директно искусија како се организираат, како се поставуваат и како се брендираат штандови на настани од ваков вид, а со цел да се привлечат што повеќе посетители.
Во рамките на овој наставно-научен практикум, студентите го посетија и Хотелот-казино Фламинго во Гевгелија, каде што менаџерскиот тим на хотелот ги запозна со иновативните модели на стратешко и на оперативно менаџирање на ресурсите во хотелот.
Наставно-научните практикуми од овој вид се интегрален дел од студиските програми и од методологијата на работа на Универзитетот за туризам и менаџмент, а нивната цел е теориското знаење што го стекнуваат студентите на часовите да се надополни со практично искуство од реалниот деловен сектор.
https://utms.edu.mk/vesti/megjunarodni-saemi-i-praktikumi/2152-studentite-na-nastavno-nauchen-praktikum-vo-solun-na-megjunaroden-saem-za-turizam#sigProIdc4285417ee