Младите сакаат да стекнат трајни знаења, но преку поврзување на теоријата со праксата и патувањето и другарувањето. Студентите имаат право да го бараат тоа што им е потребно, а УТМС е тука за да им го овозможи.
Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје, кој отсекогаш ја негува практиката за интерактивно студирање, по паузата за реализација на наставно научни практикуми поради ковид пандемијата, се враќа на својата траса за создавање квалитетни кадри преку поврзувањето на теоријата и праксата. За таа цел, Универзитетот како општествено одговорна институција, им овозможи бесплатно на своите студенти да го посетат 43-от меѓународен саем за туризам ”SAJAM TURIZMA” во Белград. Ваквото интернационално искуство е од големо значење, не само за студентите кои студираат туризам, туку и ги проширува видиците и на студентите кои студираат маркетинг, економија, претприемништво, менаџмент на човечки ресурси и информатика.
На саемот нашите студенти се сретнаа со претставниците од Македонија кои беа дел од овој меѓународен саем, а тоа се Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, претставници од неколку Македонски општини и неколку наши туристички агенции. Како и на претходните саеми и оваа година студентите имаа можност да споделат искуства со нашите долгогодишни пријатели и соработници од универзитетот „Сингидунум” од Србија кои оваа година се претставија со мотото: „Најлепше је путовање кроз образовање“. Дека со ова мото целосно се согласуваат и нашите студенти е фактот дека по посетата на саемот, студентите го искористија убавиот ден за прошетка, шопинг и кафе во новиот дел на Белград, „Белград на вода“. Освен стекнувањето на знаење, ова патување беше значајно за нашите студенти што повторно имаа можност да го искористат својот студентски живот на УТМС, а со тоа и да патуваат, да другаруваат и да создаваат незаборавни спомени.