Во организација на Факултетот за претприемачки бизнис на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје свое предавање пред студентите и вработените одржа м-р Ема Анчевска, генерален менаџер на маркетинг агенцијата „Идеа Лаб”.
М-р Ема Анчевска како ко-основач и сопственик маркетинг агенцијата „Идеа Лаб”, говореше на тема „Од идеја до бизнис“. Во своето излагање ги потенцираше трендовите на глобализацијата и зголемените можностите за младите за започнување на сопствен бизнис. Воедно и како жена претприемач елаборираше за предизвиците со кои се соочува во водењето на бизнисот, потребата од претприемачки компетенции, вештини и знаења, развој на иновативните идеи и изнаоѓање начини и средства за нивна реализација. Во таа насока, студентите имаат можност да се запознаат со фазите низ кои поминува еден нов бизнис, но и потребата од голема храброст, упорност, посветеност, желба и амбиција при креирањето на успешна претприемачка приказна.
Во своето излагање, м-р Ема Анчевска, детално ги образложи препознатливите успешни проекти кои ги реализирала нејзината агенција и патеката на нивниот професионален и континуиран развој како Супербренд во маркетинг индустријата.
Студентите имаа можност да го надополнат нивното теоретско знаење од областа на претприемаштвото кое го стекнуваат во рамките на наставата со практичен пример на бизнис кој започнува од почеток со понуда на иновативни маркетинг услуги на македонскиот пазар.