Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје континуирано соработува со деловната заедница со цел студентите да учат од добри практики што ќе придонесе да се стекнат со извонредни компетенции. Во тој контекст во амфитеатарот на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, предавање на тема: „Информациски системи за менаџирање на таленти“, одржа г-ѓа Емили Ј. Локвенец, генерален менаџер на НЕОДАТА – Скопје, компанија која се позиционира во ИТ бизнисот, во која 80% од вработените се жени, што е реткост во ИТ бизнисот. Г-ѓа Емили Ј. Локвенец е експерт за софтверски решенија за менаџирање со човечки ресурси. Во своето предавање таа истакна дека НЕОДАТА веќе 20 години се занимава со развој на софтвер за деловно работење со следење и импементирање на сите светски трендови во развојот на софтвер, но и сите законски измени во деловното работење.
Дел од своето излагање посвети и на портфолиото на компанијата, посебно за интегрираниот пакет на модули за ЕРП софтвер, софтвери за материјално – магацинско работење и продавница, софтвер за човечки ресурси и правна служба, софтвер за пресметка на плата кој е адаптиран за сите индустрии, софтвер за безбедност и здравје при работа, но и многубројни кастамизирани софтвери кои ги изработуваат по нарачка за нивните клиенти.