Амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, Рафаел Сориано Ортиз, денеска беше гостин на Универзитет Скопје, каде што одржа предавање пред студентите во преполниот амфитеатар на УТМС.
Во своето обраќање, амбасадорот зборуваше за одличните билатерални односи меѓу Кралството Шпанија и Република Македонија, како и за можностите за соработка во повеќе области, особено во образованието, културата и туризмот. Тој истакна дека Шпанија е една од најпосетуваните туристички дестинации во светот и дека секоја година ја посетуваат повеќе од милион туристи, при што туризмот бележи континуиран раст и има значајна улога во економскиот развој на земјата.
Амбасадорот Сориано Ортиз ги охрабри студентите да го изучуваат шпанскиот јазик, потенцирајќи дека неговото познавање отвора многу можности како за образование, така и за професионален развој и меѓународна соработка. Тој нагласи дека шпанскиот јазик е еден од најзборуваните јазици во светот и претставува важен мост за поврзување со различни култури и пазари.
Студентите имаа можност да слушнат повеќе за дипломатската работа, за културната и образовната размена меѓу двете земји, а предавањето заврши со отворена дискусија, при што студентите поставија повеќе прашања и разменија мислења со амбасадорот.
Од Универзитет Скопје истакнаа дека ваквите средби со истакнати дипломати и меѓународни претставници се значајни за проширување на знаењата на студентите и за нивно директно запознавање со глобалните политички, економски и културни процеси.
https://utms.edu.mk/vesti/gosti-predavachi-i-ambasadori/2766-ambasadorot-na-kralstvoto-shpanija-odrzha-predavanje-pred-studentite-na-univerzitet-skopje#sigProId39cf38e51a
