Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, во соработка со националното радио, Радио Слободна Македонија, на 21.02.2016 година ја емитуваше педесет и првата емисија од серијалот емисии посветени на убавините и туризмот во РепубликаМакедонија.
Емисијата насловена како "Туристички витраж" се емитува секоја недела со почеток од 13 до 14 часот на брановите на Радио Слободна Македонија. Оваа недела, професорите и асистентите од Универзитетот за туризам и менаџмент, Доц.д-р Валентина Палевска-Муцунска, м-р Владанка Давковска и Јаника Карапеткова ја посветија на темата „Менаџирање на квалитетот во туристичката индустрија“.
Со оглед дека туризмот по густина на просторна разместеност е најмасовниот стопански сектор во светот, неговиот развој влијае врз промена на светот. Од тие причини се смета дека не постои национален туристички пазар, туку туристичкиот пазар е меѓународен-светски, а на глобалниот пазар стандардите за квалитетот на туристичкиот производ и услуга, се меѓународни стандарди, и прашање е само кој субјект, дестинација, регион или земја, колку држи чекор или пак заостанува, во однос на развиеноста на дејноста на светско ниво, објаснуваа во текот на емисијата професорите и асистентите од УТМС.
Тие потенцираа дека сето тоа првенствено се должи на експанзијата на хотелската индустрија, а таа всушност е основен носител на стопанисувањето во туризмот, но и дејност во која се рефлектираат и многу други дејности. Развојот на хотелиерството пак го осликуваат основните показатели кои ја одразуваат првенствено динамиката на раст на капацитетите, и тоа во секторот за сместување, пред се.
Во емисијата стана збор и за различните типови на гости се одликуваат со различни животни стилови и различни облици на поминување на слободното време, различен пристап за посветеност од страна на вработените, чувство на безбедност од секој аспект.