Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, во соработка со националното радио, Радио Слободна Македонија, на 08.05.2016 година ја емитуваше шеесет и втората емисија од серијалот емисии посветени на убавините и туризмот во Република Македонија.
Емисијата насловена како "Туристички витраж" се емитува секоја недела со почеток од 13 до 14 часот на брановите на Радио Слободна Македонија. Оваа недела, професорите и асистентите од Универзитетот за туризам и менаџмент, емисијата ја посветија на темата „Промоција на турстичките капацитети на Република Македонија“.
Имено, Асс. м-р Магдалена Андоновска како уредник и водител, заедно со нејзиниот колега Доц.д-р Зоран Стрезовски и гостинката Регина Икономовска, говореа за значењето и спроведувањето на селектирани обуки на стручни кадри во областа на туризмот, при што како пример Икономовска ја наведе обуката што ја посетила во Јапонија. “Обуката што ја посетив беше мошне корисна и адаптибилна за развојот на македонскиот туризам, заради моделите на поефикасно и поефектно менаџирање на туристичките дестинации. Во двете навидум различни земји развојот на туризмот сепак има заеднички именител заради сличните клима, рељеф и природни ресурси. Целта на новите превземени знаења од обуките беше да се дисеминираат, адаптираат и имплементираат во насоките на туризмот, и да ја поттикнат соработката меѓу приватните и државните сектори, со што би се оптимализирале придобивките од туризмот“, рече Икономовска. Доц.д-р Стрезовски говореше за туристичките потенцијали на Република Македонија во пресрет на престојната туристичка сезона.