На Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, на ден 19.05.2016 година се одржа седница на Ректорската конференција на приватни Универзитети во Република Македонија на која присуствуваа Ректорот на „ФОН“ Универзитетот Проф. д-р Александар Николовски, заедно со Генералниот секретар Сашо Ѓурчиновски, потоа Ректорот на Универзитетот „Американ Колеџ“, Проф. д-р Марјан Бојаџиев и Генералниот секретар на оваа високо образовна институција Марина Андева. Свое присуство на седницата имаа и Деканот на “Европскиот универзитет“ Проф.д-р Слободан Шајноски, Проректорот на „Меѓународниот Балкански универзитет“ Проф. д-р Снежана Билиќ-Сотировска, Генералниот секретар на „Универзитетот на Југоисточна Европа“ Џеваир Мемеди и преставниците на Меѓународниот универзитет “Визион“, односно Ректорот Проф. д-р Фадил Хоџа, Проректорот Доц. д-р Абдулмеџит Нуредин и Генералниот секретар м-р Весна Попоска.
Со 18-тата седница на приватните универзитети во Република Македонија заседаваше претседателот на оваа асоцијација Проф. д-р Аце Миленковски, кој најнапред им посака топло добре дојде по што ги извести и воедно ги покани на свеченоста што Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје ја организира повод одбележувањето на десет годишнина од постоењето.
На седницата откако беше усвоен записникот од минатата седница присутните пристапија кон разгледување на барањето за дискусија на преставниците од универзитетот “Американ колеџ“ со кое се бараше олеснување на процедурите за студентска виза и за престој на странски студенти во Република Македонија. По оваа точка сите присутни се согласија дека е потребно да се испрати официјален допис до Интерректорската управа, која понатаму треба да посредува во решавањето на овој проблем.
На крајот на седницата беше разгледано барањето на меѓународниот универзитет „Визион“ од Гостивар за прием во Ректорската конференција на приватните универзитети во Република Македонија, по што беше донесена едногласна одлука за нивно членство.