Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје заедно со Министерството за култура на Република Македонија, оваа година по петти пат беше Генерален покровител на најголемата манифестација во Република Македонија “Галичка свадба“. Манифестација, која во целост ја интерпретира и осликува македонската традиција, која живее и се негува со векови. УТМС, покрај финансиската поддршка за оваа манифестација, доделува и стипендии за студии за невестата и младоженецот.
Чест е и за Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, но и обврска, бидејќи неколку години наназад токму УТМС е дел од овој оваа атрактивна туристичко-културолошка манифестација. Врз основа на досегашната успешна соработка со МЗ „Галичник“ и Министеството за култура на Република Македонија, и оваа година УТМС уште еднаш ја потврдува својата стратешка определба за општествено одговорно однесување, со што активно учествува во организирање на престижната петровденска манифестација „Галичка свадба’’ не само како туристичка атракција туку и како дел од културното наследство на Република Македонија.
Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје, од самиот почеток, односно од конкурсот за пријавување на зет и невеста па се до денот на самата реализација, преку финансиска подршка и маркетиншки активности, ја промовира оваа единствена манифестација, со што воедно дава придонес и за туристичко промовирање на Република Македонија.
Галичник живее за Петровден, кој засекогаш ќе остане да биде празник на љубовта, свадбата и веселбата. Жив споменик и миг на вечноста низ која секоја година можеме да ја видиме и доживееме македонската традицијата и обичаи. Вистински спектакал и неповторлива глетка на еден значаен ритуал, кој не само што успева да опстои години наназад, туку и да привлече внимание и воодушевување од целиот свет. Да се биде дел од најдолгата свадбарска поворка, во која официјалните сватови се облечени во традиционалната галичка носија, не е само престиж, туку момент на возвишеност, особено ако се знае дека токму таа носија е изработена со филигранска прецизност од раката на старите мајстори на занаетот.
Галичник сместен во пазувите на планината Бистра, за време на одржувањето на Галичката свадба го оживува духот на минатото низ звуците на дебарските виртуози, кои имаат можност да ги слушнат и доживеат посетители од целиот свет, бидејќи овој единствен свадбарски спектакал во светот, ја покажува богатата македонска традиција. Да можат одблиску да се погледнат сите обичаи на една македонска свадба, тргнувајќи од канењето на мртвите, бричењето на кумот и зетот, јавањето на коњ, па се до гледањето низ прстен, е чест за секој присутен во Галичник на Петровден.