Во Амфитеатарот на Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, денес (15.09.2016) година со одржувањето на свечениот час, и официјално се означи почетокот на академската 2016/17 година, за ново запишаните студенти на овој Универзитет. На свеченоста присуствуваа идните академски граѓани, кои одлучија своето образование да го продолжат на некој од петте факултети, кои функционираат во рамките на Универзитетот за туризам и менаџмент, односно Факултетот за туризам, Факултетот за менаџмент на човечки ресурси, Факултетот за претприемачки бизнис, Факултетот за меѓународен маркетинг менаџмент и Економскиот факултет.
Присутните студенти ги поздрави Ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, кој им посака топло добре дојде, во како што рече храмот на знаењето, при тоа потенцирајќи го значењето што УТМС бил нивниот избор за продолжување на образованието. Во своето обраќање Ректорот посебно ја истакна заложбата на наставниот кадар за реализација на квалитетна настава преку која студентите ќе се стекнат со конкурентни компетенции кои ќе им овозможат активно и престижно вклучување во деловниот свет.
По пригодното обраќање на Ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент, веб администраторот на студентите им презентираше како функционира Е-студент, т.е. екстерниот портал од веб страната наменет за студентите преку кој ги добиваат сите информации во електронска форма. Потоа следуваше врачување на Е-индексите на студентите од страна на Деканите на факултетите.
По врачувањето на Е-индексите на студентите им се обрати проректорот за настава на Универзитетот за туризам и менаџмент, проф. д-р Мијалче Ѓоргиевски кој го престави наставниот кадар, а потоа на студентите им ја презентираше методологијата на студирање по кредит трансфер системот на Болоњската декларација, посебно истакнувајќи дека УТМС е единствен Универзитет кој доследно го спроведува ЕКТС системот на студирање.
По завршувањето на свечениот час студентите од секој факултет имаа одделни средби со Деканите на кои беа информирани за идни активности во академската 2016/2017 година.