Во организација на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси и Центарот за кариера кои функционираат во рамките на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, на 10-ти Ноември 2016 година, се одржа обука под наслов „Значењето на формалното образование во создавањето на компетенцииите на директорите и стручните соработници во образовните институции“.
Обуката се спроведе под покровиделство на Фондот „Проф.д-р Љубе Миленковски“. Во рамките на своите општествено одговорни активности Фондот е покровител на обуки во функција на унапредување на компетенциите на образовниот кадар од сите структури во воспитно-образовните институции во Република Македонија.
Целна група на обуката беа директорите и стручните соработници од основните училишта во Скопје. На обуката присуствуваа 61 учесник меѓу кои: директори, психолози, педагози и други стручни соработници.
Целта на обуката беше да се афирмира значењето на формалното образование за надградување и подобрувањето на компетенциите на директорите и стручните соработници во образовните институции.
Обуката ја отвори деканот на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси и раководител на последипломските студии на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, проф. д-р Александра Стоилковска. Првиот блок од обуката го реализираше проф. д-р Константин Петковски кој во своето излагање со примена на интерактивна корелација помеѓу актуелните научно-егзактни и практични знаења презентираше информации за стандардите кои директорите и стручните соработници треба да ги практикуваат во процесот на извршување на професионалните задачи како и за компетенциите треба да ги поседуваат. Во контекст на стандардизирана компетитивност на директорите и стручните соработници во основните училишта, проф. Петковски имаше свое излагање за потребата од актуализирање на менаџментот на знаење како предуслов за ефективно училиште.
Вториот блок од обуката го реализираше проф. д-р Александра Стоилковска која низ интерактивен приод го потенцираше значењето на формалното образование за кариерниот развој на директорите и стручните соработници во образованието од аспект на менаџирање на интелектуалниот капитал, со аналитичка експликација на петте клучни компетенции на менаџерскиот тим.
По завршувањето на обуката на учесниците им беа доделени сертификати од страна на проф. Александра Стоилковска, декан на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси и доц. д-р Љупка Наумовска, директор на Центарот за кариера на УТМС.