Оваа диплома е директна меѓународна потврда за високиот квалитет на наставната програма на универзитетот. УТМС е 76-ти универзитет во светот кој го добива овој сертификат и единствен во државата, факт што секој студент треба да го знае бидејќи најголема придобивка од високото рангирање на УТМС имаат дипломираните студенти
Студентите од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје се високо рангирани меѓу останатите студенти во светот. Подготвени да преземат иницијатива, да ја прикажат на дело својата креативност, иновативно им пристапуваат на задачите и обврските и одговорно се однесуваат кон зададените задолженија. Тоа што е примамливо и интересно за УТМС е начинот на кој се организирани предавањата. Секој ден во неделата се следи различен предмет. Секој ден во текот на неделата имаме по три задолжителни часови на кои се работи исклучиво еден предмет, при што имаме доволно време, фокус и ресурси за квалитетно и успешно совладување на материјата која се изучува, вели Николина Костовска, студентка на овој скопски универзитет. Преку програмата Еразмус +, таа лани помина еден семестар на Политехничкиот факултет во Барселос, Португалија. Вели дека е искуство кое нема да го заборави до крајот на животот.
Факултети.мк: Студент сте на Факултетот за туризам на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. Што беше пресудно за вашиот избор на Факултетот за туризам?
- На УТМС има избор од пет факултети: Економски, Маркетинг, Човечки ресурси, Претприемништво и Туризам. Од сите пет факултети го избрав токму Факултетот за туризам е неговата уникатна и квалитетна специјализација и насоченост токму кон тоа што јас лично сакав да го изучувам, тоа со што сакам да се занимавам во мојот живот - а тоа е туризмот. Како индустриска гранка, туризмот нуди широко, интересно, но и глобално поле на работа. Во однос на изборот на универзитет, немав дилеми, поради претходно добиените информации за уникатноста на УТМС во однос на конкуренцијата, пред се: методологија на работење и студирање која е во склад со меѓународните академски стандарди, начинот на реализација на предавањата и наставата кој е интерактивен, креативен, интересен. Индивидуалниот пристап кон секој студент, стручниот професорски кадар, експертските предавања на домашни и странски професионалци од сферата на туризмот, практичната настава, летните пракси, сé до Еразус + програмата која ми го донесе едно од најубавите искуства во мојот досегашен живот. Но, од сите позитивни аспекти, најсилната страна на УТМС е дипломата TedQual која е директна меѓународна потврда за високиот квалитет на наставната програма на Универзитетот. УТМС е 76. Универзитет во светот кој го добива овој сертификат и единствен во државата, факт што секој студент треба да го знае бидејќи најголема придобивка од високото рангирање на УТМС имаат дипломираните студенти. Без сомнение УТМС функционира во согласност со највисоките стандарди, нудејќи им на своите студенти неизмерна помош и поддршка во текот на студирањето, истовремено поттикнувајќи ги да ги надминат границите на базичното знаење, да се издигнат над просечното и да успеат во остварувањето на своите професионални и лични цели.
Факултети.мк: Каде се информиравте за програмите на Факултетот за туризам на УТМС и зошто им дадовте предност на нив? По што се поразлични од програмите што ги нудат другите универзитети во Р. Македонија?
- За УТМС прв пат слушнав при крајот на средното образование кога размислував каде да го продолжам образованието и каде се гледам во иднина. Прво слушнав за факултетот од мој другар, поранешен студент на УТМС кој детално ми го објасни начинот на студирање, а непосредно потоа тим од УТМС реализираше презентација во моето средно училиште каде го презентираа академскиот кадар и методологијата која ја применува универзитетот во текот на студирањето. УТМС беше мојот избор поради стручниот кадар составен од искусни декани, посветени професори, креативни асистенти кои сакаат сето свое знаење да го пренесат на студентите. Тие се поразлични од останатите факултети и универзитети според многу карактеристики. Но, една од есенцијалните е тоа што кај нас глобално, интегрирано и длабински се изучува не само туризмот, туку и менаџирањето на туристичката индустрија што сметам дека е од огромно значење за мојата понатамошна кариера.
Факултети.мк: Опишете ни еден студентски ден на Факултетот за туризам на УТМС.
- Тоа што е примамливо и интересно за УТМС е начинот на кој се организирани предавањата. Секој ден во неделата се следи различен предмет. Секој ден во текот на неделата имаме по три задолжителни часови на кои се работи исклучиво еден предмет. Така имаме доволно време, фокус и ресурси за квалитетно и успешно совладување на материјата која се изучува. Еден блок часови е сегментиран на теоретска настава од страна на професорот, а следуваат презентации и одбрани на семинарски работи на студентите и на крајот сето тоа се завршува со практична настава, односно вежби преку кои појасно и визуелно ни се интерпретира теоријата. Во текот на предавањата имаме константна проактивна комуникација со професорите и интерактивно разменуваме мислења во однос на темата која се обработува.
Факултети.мк: Каков е односот на професорите и асистентите кон студентите?
- Презадоволна сум од начинот на кои професорите и асистентите посветено работат и континуирано одржуваат контакт со своите студенти. Во текот на изминатите три години, секој од деканите, професорите и асистентите беше постојано достапен за секој студент, без разлика дали станувало збор за решавање на наставни или воннаставни проблеми и прашања за кои сме се обратиле кај нив за помош или совет. Тие секогаш биле подготвени да ни дадат максимална поддршка и да ни овозможат да бидеме успешни и задоволни. Покрај тоа, тие го следат индивидуалниот развој на секој студент, обезбедувајќи менторски пристап, мотивирајќи не и понатаму да работиме прогресивно и да се стремиме кон постигнување на високи резултати на секое поле. Професорите и асистентите на УТМС разменуваат ставови и мислења со своите студенти, отворајќи продуктивни академски дискусии преку што ги поттикнуваат студентите да градат сопствени ставови. Тоа пак доведува до создавање на поголема професионална самодоверба и компетентност.
Факултети.мк: Поминавте еден семестар на Политехничкиот факултет во Барселос, Португалија, преку програмата Еразмус +. Со какви искуства се вративте?
- Еразмус + програмата не е само едно студентско искуство, тоа е, би рекла животно искуство. Престојот, студиите и интернационалната атмосфера ми отворија нови хоризонти кои не ни знаев дека постојат, покажувајќи ми ги убавината и благодетот на образованието во странска земја, динамиката на работа и меѓународната конкуренција на глобалниот пазар на трудот. Пред сé би сакала да истакнам дека методологијата на студирање на УТМС е идентична со таа на Политехничкиот факултет во Барселос. Знаењето кое го унапредив и надоградив во текот на студирањето несоменено ќе ми помогне во идниот кариерен развој, зашто по враќањето во Македонија се чувствувам посигурно, поподготвено и похрабро им приоѓам на новите предизвици кои со силна амбиција ги пресретнувам. За оваа програма имам само пофални зборови, тоа за мене беше еден период исполнет со другарување, месеци во кои копнежливо впивав знаење, го усовршував англискиот јазик, ја стекнав основата на португалскиот јазик и говорење, осознавав нова култура, поразлична традиција, уживав во еден релаксиран, мирен и весел дух, и патував посетувајќи повеќе дестинации ширум Португалија.
Факултети.мк: Раскажете ни нешто повеќе за летните пракси кои ги добиваат студентите на УТМС? Што може да се научи, колку студентите може да заработат на нив?
- Летните пракси се една од најпозитивните и најпрагматични активности на УТМС. Токму преку нив, ние студентите вистински и реално се подготвуваме за идно работење во сферите кои ги изучуваме и сакаме да се профилираме во светот на бизнисот. Многу истражувања покажале дека теоретското знаење често не е доволно затоа што работодавците бараат практично знаење и перформанси кои бргу по вработувањето би дошле до израз. Токму преку праксите го надминуваме оној јаз кој постои меѓу потребите на работодавците и подготвеноста на дипломците и тоа на нас, студентите од УТМС ни дава предност при вработувањата. Преку праксата се стекнува работна навика, искуство и чувство за работна етика базирана на пропишани правила и норми. Универзитетот за туризам и менаџмент ни овозможува пракса не само во реномирани компании во Македонија, туку и во странски земји како Грција и сега најново Шпанија. Мојата минатогодишна летна пракса на аеродромот „Александар Велики“ многу го прошири моето знаење, ме зацврсти како индивидуа и ме направи покомпетентна за работење во областа на туризмот.
Факултети.мк: Како се рангирани нашите студенти на странските универзитети? Се чувствувате ли добро подготвени?
- Студентите од УТМС се високо рангирани меѓу останатите студенти. Тие се подготвени да преземат иницијатива, да ја прикажат на дело својата креативност, иновативно им пристапуваат на задачите и обврските и одговорно се однесуваат кон зададените задолженија. Во изминатите три години созреав како личност, комплетно пронаоѓајќи се во светот на туризмот, а денес без сомнение можам да кажам дека се чувствувам подготвено за сé што следува. Сметам дека професорите на УТМС ја инспирираа мојата амбиција, ме насочија на вистинскиот пат и сега на мене останува гордo, храбро и упорно да се движам по тој пат на кој се надевам дека крајна одредница е деловниот успех.
Воодушевувачкиот поглед на Лисабон кој го одзема здивот, сликан од врвот на споменикот на морепловците каде од една страна се гледа градот, а од другата се распостила Атлантскиот океан заедно со кулата Белем која е сместена на неговото крајбрежје
Факултети.мк: Сега се вративте на матичниот факултет. Што понатаму? Каде ја гледате својата иднина?
- Откако се вратив ставот ми е позитивно променет. Моите видици се проширија и во мене се роди една искрена желба за патување, за глобални проекти и истражување на што е можно повеќе туристички дестинации и региони. Токму во тој правец, а повторно благодарение на меѓународната соработка на УТМС ми претстои мене и на група студенти од УТМС академско надоградување на престижната институција Мaastrich School of Management од Холандија која е рангирана во првите пет МБА институции во Европа според Шангајската листа за високото образование. Јас и останатите студенти од УТМС ќе го следиме курсот Лидерство и организациско однесување кој не само што ќе ни донесе академски кредити, туку и можност за практично запознавање со работењето со водечките компании од Холандија. Потоа ќе следи дипломирањето на мојот универзитет УТМС и вмрежување во меѓународни проекти од областа на туризмот како најбрзорастечка индустрија во светот.
Факултети.мк: Се приближува времето за уписи на нови студенти. Што би им порачале на оние што ќе решат да студираат на Факултетот за туризам на УТМС?
- Изборот на Универзитет е избор на живот, професија и иднина. Живеејќи во динамичен свет, потребен е динамичен проактивен и интернационално насочен Универзитет. Од сé срце на секој млад, талентиран и амбициозен матурант им го препорачувам Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.
Извор: Fakulteti.mk