На ден 25.04.2018 година, во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје се одржа трибина под наслов: „Институционализација на менаџментот на човечки ресурси“. Трибината, како дел од годишната програма на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси имаше за цел да ги отвори актуелните прашања за состојбите во менаџментот на човечките ресурси во реалниот сектор и заложбите на образовните институции да создаваат компетентен кадар за менаџирање на човечките ресурси.
Трибината беше организирана во два панела. Првиот панел под наслов: „Потреби на бизнис секторот од стандардизација на професијата за менаџмент на човечки ресурси“ го модерираше м-р Дарко Петровски, генерален секретар на Македонската асоцијација за човечки ресурси, а свое излагање имаа Марија Тодоровска, специјалист за обуки и развој во Охридска банка АД, Кристина Спироска, раководител на Сектор за човечки ресурси во Халк Банка, Наташа Јаневска, државен советник во Министерството за образование и наука на Р. Македонија и Неда Малеска Сачмароска од Центарот за управување со промени. Кредибилитетот на говорниците во овој панел беше причина да се отворат најсуптилните прашања од имплементацијата и институционализацијата на менаџментот на човечки ресурси.
Вториот панел под наслов: „Подготовка на професионалците за менаџмент на човечки ресурси во процесот на образование“ го модерираше деканката на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси, проф. д-р Александра Стоилковска. На овој панел излагање имаа: проф. д-р Константин Петковски од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, Билјана Чламовска од Clear View Скопје и проф. д-р Марио Думанчиќ од Универзитетот „Балтазар Запрешиќ“ во Хрватска. Во овој панел дискусијата одеше во правец на преземени активности во формалниот и неформалниот сектор за образование во создавањето на професионалци за менаџмент на човечки ресурси.
Заклучоците кои произлегоа од трибината се однесуваат на констатацијата дека менаџментот на човечки ресурси во нашата држава е етаблиран преку процесот на глобализација и тоа во приватниот сектор. Јавниот сектор ги има поставено основите за имплементација, но се уште нема некои забележителни резултати во тој правец.