Ова го порачаа учесниците на 2. Меѓународен симпозиум по традиционална кинеска медицина и акупунктура денеска на Универзитетот Скопје.
Денеска во просториите на Универзитетот Скопје, се одржа 2. Меѓународен симпозиум по традиционална кинеска медицина и акупунктура, на кој учествуваа научници и професори од Македонија, Виетнам и од Кина. Особена чест ни причини присуството и обраќањето на Н. Е. Џанг Ѕуо, амбасадор на Народна Република Кина во Македонија. Меѓу гостите беа претставници од над 50 институции што работат во полето на образованието, науката и здравството, од Македонија, но и од поширокиот регион и од Европската Унија, од Бугарија, Полска, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Симпозиумот го организираше Центарот за традиционална кинеска медицина и акупунктура „Тонг да танг ТКМ“ од Скопје во соработка со Универзитетот Скопје.
Симпозиумот го отвори ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, кој уште еднаш се осврна на образованието и здравјето како столбови на опстанокот и развојот на кое било општество и на човештвото во целост.
„Здравјето не е само физичка состојба. Здравјето е, пред сѐ, состојба на духот. Тоа го знаеле и светите браќа Климент и Наум Охридски, кои ја ширеле писменоста, но и Божјето слово, ги подучувале луѓето како да пишуваат, но и како да се грижат за своето духовно и физичко здравје“, истакна ректорот Миленковски во својот поздравен говор на Симпозиумот.
„Традиционалната кинеска медицина е ризница со огромна вредност. Кинеската амбасада во Македонија, како и секогаш, активно ќе промовира размена и соработка на ова поле за да помогне во подобрувањето на здравјето и на благосостојбата на луѓето од двете земји!“, истакна амбасадорот Џанг Ѕуо во своето обраќање до гостите.
На симпозиумот учество зедоа врвни професори и доктори што се занимаваат со кинеската традиционална медицина, како и професори на Универзитетот Скопје. Академикот проф. д-р Валентин Мирчевски поттикна на размислување за водата како клучен елемент на животот, , проф. д-р Јихе Џу даде исцрпен осврт на развојот на традиционалната кинеска медицина во Македонија, проф. д-р Јана Илиева се осврна на правните аспекти на здравствениот менаџмент, а проф. д-р Благица Арсовска ни претстави интересно истражување од сопствената практика за ефективноста на акупунктурата во балансирањето на работата на тироидата. Претставниците на Црвениот крст во Скопје раскажаа за позитивните ефекти на чиконгот врз здравјето на лицата во зрела возраст во нивните дневни центри.
На Симпозиумот, преку видео обраќање, истакнати професори од Универзитетот Лианонинг и Универзитетот Тјенџин ни ги објаснија основните концепти на традиционалната кинеска медицина, како и перспективите што ги отвора соработката на кинеската и конвенционалната западна медицина.
Денеска со овој симпозиум покажавме дека кога станува збор за образованието, науката и медицината во служба на целокупната благосостојба на луѓето, општеството и човештвото, границите не постојат!
Универзитетот Скопје и денеска се докажа како лидер во отворањето нови видици и нови перспективи за доброто и иднината на татковината!
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2565-koga-e-vo-prashanje-blagosostojbata-na-lugjeto-za-obrazovanieto-naukata-i-medicinata-ne-postojat-granici#sigProId91e269db20