Денес на Универзитетот Скопје, со почеток во 12 часот, се одржи Форум за заштита на македонскиот идентитет. На Форумот организиран во три панел-дискусии, учесниците дебатираа во кој правец се движи Македонија на економски и на политички план и дали го заштитивме доволно идентитетот. Тие испратија силни пораки до идните власти што треба да се преземе итно за целосна афирмација на македонскиот идентитет и држава.
„Универзитетот Скопје континуирано работи на зачувување и афирмирање на сето она што е македонско“, со оваа порака ректорот Миленковски го отвори Форумот како учесник на првиот панел посветен на политичкиот пат на Македонија.
„На негирањето на нашиот идентитет од другите сме навикнати низ историјата. Денес, најзастрашувачки е негирањето на нас самите од нас самите“, истакна Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, Неговото Блаженство Г. Г. Стефан.
„Како нација и како држава потфрливме на секој план. Токму затоа денеска имаме одговороност да го охрабриме секој Македонец што верува во Македонија, дека можеме подобро! Да направиме сѐ да биде подобро!“, испрати порака до сите активни чинители во државата и до секој поединец амбасадорот Марјан Ѓорчев.
На панелот посветен на заштитата на македонскиот јазик, култура и ситорија, д-р Елка Јачева-Улчар од Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ нагласи дека македонскиот јазик денеска е во многу лоша состојба губејќи ги позициите што веќе ги имаше. „Небулозно е да се дискутира денеска дали постои или не!“, истакна д-р Улчар.
Проф. д-р Наташа Котлар од Институт за национална историја им порача на идните власти: „Институциите се тие што треба да го афирмираат идентитетот!“
На Форумот учество земаа и новинарот и уредник Александар Чомовски, претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангеловски, проф. д-р Благица Новковска од Универзитетот Скопје, проф. д-р Зоран Ивановски, проректор за наука и развој на Универзитет Скопје, доц. д-р Викторија Трајков, професор на Универзитетот Скопје и кариерен дипломат, проф. Атанас Конески, генерален секретар на Фондација за македонскиот јазик „Небрегово“, Петар Темелковски, актер и професор на „Еуропа прима“ и Петар Георгиевски-Камиказа, актер, музичар и уметник.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2552-silni-poraki-do-idnite-vlasti-od-forumot-za-zashtita-na-makedonskiot-identitet-na-univerzitetot-skopje#sigProIde45fb72e91