Бадник и Божик се празници што ги зближуваат семејствата носејќи топлина и радост во секој христијански дом. Бадник е денот пред Божик, кога христијаните бдеат и го очекуваат Христовото раѓање, на следниот ден, на Божик.
Денот Бадник секогаш започнува со божикни песни, „каланди“, кои се пееле од народот од древни времиња во деновите на празнувањето на Рождеството Христово. Оттука потекнува и зборот коледа односно коледе. Пеејќи ги божикните каланди, верниците, особено најмладите, го објавуваат насекаде со радосно срце Рождеството Христово, славејќи ги Богомајката и нејзината света Рожба. Божикната небесна радост не така одамна ја изразувале на разни начини: некаде со украсено бротче, кое ја претставувало Црквата Христова, со кое се одело од дом во дом, а домаќините принесувале разни дарови; на други места со ѕвезда, која ја означувала витлеемската ѕвезда што ги водела тројцата мудреци до Богомладенецот; или со пештера со сцена на божественото раѓање. Денеска, во чест на вистинското христијанско живеење, овие традиции сѐ повеќе се обновуваат.
Бадник значи будност. Впрочем и самиот збор „бадник“ води потекло од старомакедонскиот глагол „бъдѣти“ што во превод на современ македонски значи „бдеам, стојам буден, не спијам, бодар сум, стојам со напрегнато внимание“. Следствено, Бадникова вечер буквално значи „вечер во која се бдее“. Затоа нашиот христољубив народ го дочекувал раѓањето на Богомладенецот Христос собран по црквите и манастирите на сеноќно бдение, проследено со молитвословија и срдечни благодарења.
Според обичајот, на Бадник не се оди на гости. На овој ден, семејството е црква, секоја куќа е црква. Со семеен посен ручек или вечера се најавува еден од најрадосните денови во православието, Христовото раѓање. Во секој дом се пали свеќа, темјан и кандило. Целото семејство е собрано на божикната посна трпеза, во беседи за Христовото раѓање. Пред вечерата се крши погачата. Верувањето говори дека на оној што ќе му се падне паричката ќе има среќа, успех и благодат во текот на целата година.
На Божик се прославува Христовото раѓање, а со тоа и спасението на човечкиот род. Божик, еден од трите најголеми празници, кога е роден Синот божји, Исус Христос. Луѓето се поздравуваат со „Христос се роди – Навистина се роди“. Рождеството Христово е најрадосниот празник, а воедно, тоа е празникот од кој следуваат сите други господови празници, како Богојавление, Преображение, Страдања, Крстовден, Воскресение и Вознесение.
На Божик го славиме Господа Исуса Христа, неговиот роденден, кога бог станал човек и дошол на земјава. Христос е синот божји, кој е роден како човек од Дева Марија. Тој е во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот. Тој нема грев, безгрешен е. Тој се родил една ноќ во градот Витлеем, во пештера. Тој е спасител, дошол за да нѐ спаси. Да бидеме добри, како што е добар Бог. Добри секогаш, со секого и секаде.
Христос се роди! Навистина се роди!