Годинешното Собрание на Здружението на професори по географија во Македонија, „Проф. д-р Љубе Миленковски“ - Скопје, кое се одржа на 23.12.2023 година во просториите на амфитеатараот на Универзитетот Скопје, му беше посветено на 30-годишнината од смрта на неговиот патрон, проф. д-р Љубе Миленковски. По тој повод, делегации на Здружението и на Универзитетот Скопје, долгогодишен поддржувач на работата на Здружението, положија свежо цвеќе на гробот на нашиот почитуван професор и учебникар. Делегацијата беше предводена од проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитетот Скопје и претседател на Здружението, кој достоинствено и доследно чекори по стапките на својот татко.
Во рамките на одбележувањето на овој јубилеј, во амфитеатарот на Универзитетот се одржа и комеморација по повод 30-годишнината од смртта на професорот Љубе Миленковски.
„И сто животи да имам, нема да го постигнам тоа што го постигна мојот татко. Тој беше цврст столб на семејството, исклучителен географ, исклучителен професор, исклучителен учебникар, исклучителен лидер на географската заедница, исклучителен човек. Ѝ остави многу на Македонија, нѐ остави и нас, неговото семејство, напорно да работиме за да го оствариме неговото завештание“, рече проф. д-р Аце Миленковски за својот татко.
Професорот Атанас Коневски, долгогодишен пријател на семејството Миленковски, во своето обраќање за својот пријател нагласи: „Големите луѓе како мојот Љубе, како Блаже Коневски, како Крсте Мисирков, како Григор Прличев, како Наум Охридски, немаат датум на умирање, имаат само датум на раѓање“.
Во чест на својот патрон, Здружението организираше и панел-дискусија на темата „Географијата во процесот на трансформација на македонското образование“, на кое за предизвиците со кои се соочуваат предеметот географија и професорите што го предаваат, но и воопшто за образованието, свои видувања изложија проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитетот Скопје, доц. д-р Викторија Трајков, универзитетски професор и кариерен дипломат, м-р Бети С. Трајковска, пратеничка во Собранието на Република Македонија, м-р Мите Ристов, професор по географија во СОУ „Јосип Броз Тито“, м-р Анета Чаковска, професор по географија во ООУ „Стив Наумов“, Сашко Стефановски, професор по географија во ООУ „Никола Карев“. Панелот го модерираше м-р Билјана Трендафилова, едукатор и долгогодишен уредник и новинар.
Проф. д-р Аце Миленковски, кој дискутираше за потребата од неопходни промени на македонскиот образовен систем, особено се осврна на потребите од модернизација на целокупниот образовен процес за да фати чекор со потребите на сегашните и идните генерации. „Денешните телефони не се само телефони, тие се – особено за новите генерации – прозорец кон информациите, кон животот, кон светот! Токму затоа целиот образовен процес треба да почнеме да го спроведуваме на телефон! Само така ќе можеме да ги задржиме младите дома, кога ќе го приспособиме образованието на модерното време, на потребите на модерниот млад човек!”, истака проф. д-р Аце Миленковски.
За улогата на законодавниот дом во креирањето образовни политики и особено за важноста од доследно спроведување на принципот на недискриминацијата на сите нивоа во образованието, дискутираше м-р Бети С. Трајковска, професор по географија и пратеник во македонското собрание. „Не може да градиме закони врз основа на дискриминација. Не може еден професор што работи 10 часа да земе иста плата како некој што работи 24 часа. Не може да се стават едни наставници на пиедестал затоа што спроведуваат една концепција, на штета на други наставници. Мора да градиме долгорочни политики што сите ги третираат еднакво“, истакна м-р Бети С. Трајковска
На изложувањето на пратеничката Трајковска, се надоврза доц. д-р Викторија Трајков, кариерен дипломат и професор на Универзитетот Скопје. Изложувајќи ги состојбите, предизвиците и перспективите во креирањето нови образовни политики, таа нагласи дека Македонија нема долгорочна национална стратегија за развој на образованието поддржана од соодветен буџет. „Ние од година во година го кратиме буџетот за образование и наука, а без образование, нема држава“, истакна професорката Трајков.
На Годишната седница на Собранието на Здружението, на која повеќе од 150 негови членови го наполнија амфитеатарот на Универзитетот Скопје, беа усвоени и Програмата за работата и финансискиот план на Здружението за 2024 година, по што традиционално беа доделени Златните плакети „Проф. д-р Љубе Миленковски“ за придонес во развојот на географијата и афирмација на Здружението. Оваа година честа да им биде врачена оваа престижна награда ја имаа Борис Василевски, Бурим Алиу, Сузана Николиќ, м-р Анета Чаковска, м-р Јулијана Максимовска и м-р Мите Ристов, сите професори по географија и членови на Здружението.
Географијата мора да остане во образованието, а професионалците во областа мора и ќе продолжат да се борат за нејзино враќање во образовниот процес. Образованието не смее да биде предемет на импровизации и мора да го третираме со особено внимание за да ги задржиме нашите млади дома, порачаа членовите на Здруженитето на професори по географија на Македонија „Проф. д-р Љубе Миленковски“ - Скопје, на завршната дискусија на настанот посветен на 30-годишнината од смртта на неговиот патрон.
Вечна памјат, професоре!