Универзитетот Скопје со години применува методологија на работа што е идентична со најквалитетните светски универзитети и е синоним за место каде што се создава силен кадар, врвни професионалци кои се идни носители на бизнис-заедницата, обучени да ги задоволат научните и професионалните барања на општеството. За новата академска година, за предизвиците што го носи секојдневието поразговаравме со дел од тимот на најдобриот – Универзитет Скопје.
Неодамна, престижната образовна организација Универзитет за туризам и менаџмент се ребрендираше, промовираше нова химна, видеоспот и медиумски проекти. Која е симболиката на новото име – Универзитет Скопје?
Доц. д-р Ангела Миленковска Климоска: Одлучивме дека треба да се ребрендираме од неколку причини. Пред сè, тргнувајќи од многубројните меѓународни соработки, како и членството во престижната Светска туристичка организација (UNWTO), отсекогаш кога зборуваат за нас во неформална комуникација, нè викаат Универзитетот од Скопје.
Второ, сакавме да дадеме име што ќе има симболика на нашето Скопје, македонскиот главен град, како и тоа што на универзитетот не нудиме само Факултет за туризам и менаџмент, туку имаме повеќе студиски групи. За да не станува забуна и во иднина, решивме дека треба да се викаме Универзитет Скопје, а скратеницата УТМС, која е наш универзитетски бренд да си остане и понатаму, бидејќи сме препознатливи под таа скратеница. Неодамна промовиравме и нова химна и спот, која ја работеше специјално за нас режисерот Дарио Јанковиќ, а во изведба и аранжман на музичката група „Тајфата“, која е моментално една од најпопуларните меѓу младата популација.
На праг сме на нова академска година во која треба да подготвите генерации студенти кои во иднина треба да се носители на научните и професионалните барања на општеството. Со кои капацитети и департмани располагате?
Доц. д-р Викторија Трајков: Идните генерации на оваа држава точно знаат што сакаат, имаат визија за својата иднина и знаат добро да се насочат без многу сугестии отстрана. Секој од нив е заинтересиран за квалитетно високо образование, за меѓународно признаена диплома, но и за практична работа, а не само теорија. На Универзитетот Скопје, ние го нудиме токму тоа: висококвалитетна настава, меѓународно признаена диплома, платена практична работа, одлични услови за студирање и многу научно-наставни практикуми надвор од нашата земја. Така се приспособени и студиските програми на сите факултети што се акредитирани на Универзитетот. Нудиме студирање на Економскиот факултет, кој е одлично конципиран за да им помогне на идните економисти во нивната кариера. На еден од најпопуларните, Факултетот за меѓународен маркетинг менаџмент, предава висококвалитетен академски кадар, експерти во својата област со долгогодишно работно искуство. Факултетот за информатика нуди одлично конципирана програма што по завршувањето на студиите нашите студенти се подготвени веднаш да бидат едни од најконкурентните на пазарот. Факултетот за човечки ресурси секоја година запишува голем број студенти кои се задоволни од начинот на работа и условите во кои студираат на УТМС. Најстариот факултет на Универзитетот Скопје, Факултетот за туризам, е најпривлечен за нашите студенти, бидејќи, освен што учат, тие и се подготвуваат за сите предизвици што ги очекуваат во понатамошната работа, истражуваат и постојано патуваат, а сè со цел одблизу да се запознаат со работата во нивната област.
Универзитетот Скопје е членка на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO). Кои предности и одговорности со себе го носи членството во ваква престижна организација?
М-р Љупчо Миленковски: Да се биде член на една ваква организација, пред сè, е голем престиж, но и мошне обемна работа за нас како универзитет. Како нејзина членка, поминавме обемен процес на евалуација, на нашата работа, на нашиот однос кон студентите, на квалитетот на кадарот по студиите, но исто така и на условите во кои студираат нашите студенти. Моментално сме најсовремен универзитет во Македонија што работи според сите светски стандарди за високо образование. Од таа причина го добивме и признанието „Тедквал“ (TedQual) за квалитет во високото образование. Заради тие причини постојано сме меѓународно наградувани за лидери во високото образование во Македонија.
Изминатиот период ги посетивме речиси сите средни училишта во Македонија, за да им објасниме директно на сите идни генерации студенти дека и во Македонија постои универзитет по светски стандарди, со одлично конципирана програма и, секако, меѓународно признаена диплома. Секој сака да види кај кого ќе учи, со што располагаме ние како универзитет, сака директно да се информира за условите и за начинот на студирање. Често ни се случува да имаме директен контакт и со родителите на учениците, бидејќи, на крајот на денот, тие им се најголемата поддршка за секој иден нивни план. Морам да признам дека сме одлично прифатени од нивна страна.
Како лидер во високото образование, Универзитетот Скопје минатиот месец доби меѓународно признание за најдобар универзитет во деловното образование. Зошто оваа награда е значајна за обликувањето на сегашните и идните генерации бизнис-лидери?
Доц. д-р Ангела Миленковска Климоска: Наградите „Врвот на бизнисот 2023 – награди за бизнис-лидери“ се признание во организација на Меѓународниот бизнис-институт и списанието „ИБ“, кои работат повеќе од 20 години и ги препознаваат најголемите професионалци, компании и институции преку својот уредувачки тим. Нашиот универзитет, Универзитетот Скопје, е од нивна страна препознаен како универзитет што е лидер во деловното образование и има особено влијание врз обликувањето на секоја следна генерација бизнис-лидери кои гордо се стекнале со нашата диплома.
Наградата за бизнис-лидери е доказ за непоколебливата посветеност на Универзитетот Скопје за квалитет, иновација и стремеж кон знаење. Ректорот на УТМС, проф. д-р Аце Миленковски, на истата манифестација му беше врачена титулата амбасадор на образованието за 2023 година, заради неговата активна улога во промоција на образованието, подигнувањето на свеста за неговото значење и застапувањето политики и иницијативи што ги подобруваат можностите за учење на поединци и заедници.
Голем број од вашите алумни се видни членови на општеството или лидери од бизнис-заедницата. Кои работни начела ги негувате и ги всадувате на вашите сегашни студенти?
Доц. д-р Викторија Трајков: На сите наши алумни, но и на сегашни и идни студенти, им препорачуваме да веруваат и да вложуваат во себе, да си ја сакаат својата држава и да се потрудат со своето знаење и со својот капацитет да ја направат подобро место за живеење. Како универзитет, особено му посветуваме внимание на овој сегмент, бидејќи сметаме дека само поврзувањето на нашите студенти со бизнис-секторот и со меѓународната заедница може да придонесе тие да бидат атрактивни на меѓународниот пазар, но и да собираат информации и искуства за да ги применат во нашата татковина. Нашата цел како универзитет е токму таа – квалитетен кадар кој ќе придонесе Македонија да стане подобро место за живеење. Двапати месечно организираме гостински предавања на предавачи кои се истакнати во своите професии од бизнис-секторот, на амбасадори и конзули акредитирани во Македонија, но и на нашите дипломатски претставници кои се акредитирани надвор од Македонија.
Оваа година нудите и специјална поволност за вашите идни студенти преку понудата „Универзитет по светски стандарди за само две евра дневно“. За што точно станува збор и кои се предностите на оваа понуда?
М-р Ангела Миленковска Климоска: Како маркетинг-тим што е задолжен за промоција на Универзитетот Скопје, оваа година решивме да ја промениме стратегијата од традиционален маркетинг на современа методологија на промоција што предвидува адаптирање на условите во коишто живеат средношколците, но исто така сакавме да се доближиме до секој што сака да студира на универзитет по високи светски стандарди, а сепак цената да биде приспособена кон условите во кои живееме. Како општествено одговорна компанија што има добиено многубројни признанија од домашната и од меѓународната јавност, токму во тој домен, придонесуваме и се адаптираме кон секоја индивидуална, но и колективна ситуација во државата. Со еден збор, оваа понуда нуди светско образование во сопствената татковина.
Оваа високообразовна институција осумнаесет години нуди одлични услови за студирање, висококвалитетна настава и меѓународно признаена диплома. Зошто Универзитетот Скопје е најдобриот избор за идните студенти?
М-р Љупчо Миленковски: Уште од почетокот, како Факултет за туризам, а по три години универзитет, студентите студираат во најсовремени услови за работа, како и најдобрата методологија на изучување во нашата држава и, секако, стекнувањето со меѓународно признаена диплома. Универзитетот не се грижи само во четиригодишните студии туку и по нивното завршување. Како високообразовна институција, секогаш стоиме зад студентите и ги препорачуваме како квалитетен кадар во компаниите со кои универзитетот има склучено договор за соработка и меѓусебно разбирање.
Во која насока го гледате развојот на Универзитетот Скопје во иднина?
М-р Љупчо Миленковски: Визијата на Универзитетот Скопје е зацртана од почетокот, од пред 18 години, кога бевме само Факултет за туризам, а тоа е да ја направиме Македонија подобро место за живеење. Секој студент кој студира на Универзитетот Скопје добро знае дека мора да вложува во себе, добро да се вмрежува, искористувајќи ги сите можности што ги нуди нашиот универзитет како партнер на многу компании и меѓународни организации, но тоа знаење со текот на студирањето да го пренесува во јавност за да ни биде убаво на сите во сопствената држава.
Нашата визија за иднината е да го намалиме бројот на иселување на младите луѓе, постојано да вложуваме во нивното образование преку иновативни технологии што ги носи современото време. Сакаме и се залагаме за подобро образование, подобар спорт во кој изминатата година многу вложувавме и ќе продолжиме да вложуваме, за подобра економија, туризам, менаџмент итн., што, всушност, се и нашите студиски програми, каде што предава најдобриот академски кадар во државата.