Почитувани студенти, алумни, сегашни и идни!
Пред се сакам да ви го честитам денешниот Меѓународен ден на студентите. Вие сте нашата надеж за подобро утре, нашиот сон за Македонија да биде подобро место за живеење, нашиот иден сончев зрак над ова парче земја!
Сакам и да ви се заблагодарам вам и на вашите родители што го одбравте Универзитет Скопје за вашите студии и усовршување.
Ние како високообразовна институција постојано вложуваме во подобрување на квалитетот на наставата и за тоа секогаш се водиме од вашите потреби, затоа што вие, драги студенти, сте најважни за нас.
Универзитет Скопје минатата година доделувајќи 550 стипендии низ општините во Македонија покажа дека даваме шанса на секој да студира на домашен универзитет по светски стандарди.
Оваа година вложуваме во спортот и младите за да покажеме дека многу ни е важна иднината на оваа држава, пред се развојот на секој од вас како индивидуа.
За следната планираме и понатаму да се фокусираме на младите и на нивниот иден пат да биде што посветол, креирајќи програми за студирање кои се препознаени од многу меѓународни организации.
Како долгогодишен професор и Ректор на Универзитет Скопје, уште еднаш сакам да ви порачам дека друга резервна татковина ние немаме!
Сакајте си ја својата држава, вложувајте во себе, применувајте се што ќе научите за подобро утре и бидете благословени што сте родени тука.
Само Сонцето е постаро од Македонија!
Бидете живи и здрави!