На Свечената седница на Сенатот на Универзитетот Скопје што се одржа денеска, на 12 мај 2023 година, по предлог на Факултетот за информатика и по Одлука на Сенатот на Универзитетот, на проф. д-р Миглена Петрова Темелкова-Бакалова, ректор на Универзитетот за телекомуникации и пошти од Софија, Бугарија, ѝ беше доделена титулата почесен професор, Professor Honoris Causа, поради нејзиниот особен придонес во развојот на соработката и на академската размена во сферата на високото образование.
Проф. д-р Миглена Петрова Темелкова-Бакалова има завршено додипломски студии по финансии и постдипломски студии по право, со специјализација на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон во 2014 година. Во 2008 година се има стекнато со научниот степен доктор на науки во областа на организацијата и менаџментот во производството на Техничкиот универзитет во Варна, а за доцент е избрана во периодот 2010-2014 на Слободниот варненски универзитет, како и на Универзитетот за телекомуникации и пошти во периодот 2016-2017 година. За редовен професор е избрана на Универзитетот за телекомуникации и пошти во 2017, за негов проректор во периодот од 2017 до 2019 и за негов ректор од 2019 година. Професорката Темелкова е најмладиот ректор во Бугарија и една од првите жени на оваа висока раководна функција во високото образование во таа земја.
При врачувањето на титулата, ректорот на Универзитетот, проф. д-р Аце Миленковски, му посака топло добредојде на новиот член во семејството на Универзитетот Скопје, каде што се споделуваат универзални академски и човечки вредности, такви какви што поседува и демонстрира и самата професорка Темелкова во својата исклучителна професионална, професорска, истражувачка, општествена, научна, лидерска, но и хумана дејност. Тој изрази надеж дека ангажманот на Темелкова и во иднина ќе придонесе уште повеќе за подобрување на квалитетот на образовните програми на Универзитетот Скопје, како и за развојот на образовната соработка меѓу двата Универзитета, но и на двете сестрински држави.
„Оваа титула е доказ дека со вложување во довербата и во пријателството, може за многу кратко време да се надминат предрасудите и да се градат мостови на соработка меѓу две институции, но и меѓу две земји, врз заедничко споделени вредности на одличност во образованието како темел на развојот на едно општество. Ви благодарам за укажаната чест. Им се заблагодарувам и на моето семејство, но и на моите колеги од Универзитетот за телекомуникации и пошти, зашто без нивна поддршка денеска немаше да бидам тука“, порача новиот почесен доктор на Универзитетот во своето пригодно обраќање по повод свеченото врачување на титулата.
Во оваа пригода, професорката Темелкова му подари на проф. д-р Аце Миленковски, ректорот на Универзитетот Скопје, книга со лична посвета од поранешниот претседател на Бугарија, г-н Георги Парванов, подарок специјално избран за да ги симболизира вредностите врз кои се темели соработката на Универзитетот Скопје и Универзитетот за пошти и телекомуникации: посветеност на образованието и градење мостови врз темелите на заемна почит и доверба.
Титулата Почесен професор универзитетите ги доделуваат за да го изразат својот позитивен однос кон луѓето, идеите и делата, и се одраз на академската поврзаност со универзалните вредности што ги одликуваат примателите на овие почесни титули. Ректорката Темелкова е првиот ректор и првата професорка од Бугарија која е одликуван со оваа титула на нашиот Универзитет.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2444-prof-d-r-miglena-temelkova-professor-honoris-causa-na-univerzitetot-skopje#sigProId559382971e