Ректорот на УТМС, проф. д-р Аце Миленковски вчера доцна попладне, упати писмо до Амбасадата на Република Србија во Македонија со жалење за трагичниот настан што дента го потресе регионот. Осум ученици и еден чувар беа убиени во пукотници во основно училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, вчера, на 3 мај, во попладневните часови. Во нив со пиштол пукал 13-годишниот Коста Кецмановиќ, ученик од тоа училиште, кој подоцна бил уапсен. Во престрелката се ранети уште шест деца и една наставничка, од кои едно девојче е во критична состојба и се бори за живот.
„Со големо жалење и тага ги примив потресните вести за загубата на човечките животи предизвикана од грозоморниот чин кој ја потресе денес вашата земја.
Изразувам длабоко сочувство до семејствата на настраданите со надеж дека ваква трагедија никогаш повеќе нема да се повтори”, напиша ректорот Миленковски во писмото што денеска ќе биде предадено во Амбасадата на Република Србија во Македонија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, на вчерашната прес-конференцијата го оцени денот како еден од најтешките во поновата историја на државата и изрази сочувство до семејствата и роднините на убиените ученици и обезбедувањето на училиштето. Како одговор на настанот, Вучиќ на Владата вчера ѝ предложи десет мерки, меѓу кои е и поместувањето на границата за кривично-правна одговорност од 14 на 12 години, со двегодишен мораториум на поседување оружје и строга контрола на дозволите.