Емоции, подароци, спомени од времињата кога еден од најдобрите напаѓачи во поранешна Југославија, своевремно и „Златна копачка на Европа“, Дарко Панчев, ја освои и европската клупска круна со Црвена звезда.
Универзитетoт Скопје, главен покровител на документарниот филм, ги собра најголемите балкански фудбалски ѕвезди на едно место.
Во скопскиот хотел „Александар Палас“, на свечената промоција на „Патот на кобра до ѕвездите“, присуствуваа шестотина гости од Македонија и од регионот, спортисти, академици, бизнисмени, политичари, уредници на медиуми и истакнати јавни личности.
„Голема благодарност до сите спортски легенди што вечерва дојдоа во Скопје, до колегите од Вардар, им благодарам на ректорот Миленковски и на Универзитетот Скопје што помогнаа фимот да им го оставиме во историјата на идните генерации“, рече пред присутните Дарко Панчев.
Документарецот, кој во септември како серијал ќе се прикажува на „Спорт клуб“, зборува за животот и кариерата на Дарко Панчев од неговото раѓање во Кисела Вода, па сѐ до неговите најголеми успеси и светската круна со Црвена звезда.
„Тука сме за Дарко, не само поради тоа што е ѕвезда, што растевме заедно на истата улица Пушкинова во скопската Кисела Вода, туку затоа што Дарко го даде срцето за татковината! За татковината ако треба и се гине! Горд сум и благодарен на големиот одѕив и масовното присуство на овој свечен чин!“, порача ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски.
Панчев од Бошко Ѓуровски доби дрес од Црвена звезда, а претседателот на ФФМ, Муамет Сејдини, му додели дрес од македонската репрезентација. На промоцијата беа присутни и архиепископот на МПЦ, господин-господин Стефан, првиот човек на МОК Васил Тупурковски, селекторот Благоја Милевски, како и фудбалските легенди Методија Спасовски, Васил Рингов, Илија Најдоски, Кочо Димитровски, Вујадин Станојковиќ, Ѓоре Јовановски, Томче Трајановски, Драган Стојковиќ, Дејан Савичевиќ, Стеван Стојановиќ, Слободан Маровиќ.