Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје е рангиран на прво место во Р. Македонија по грижа за животната средина и на 568 место во светот според UI Green Metric World Universities Ranking во 2017, со што се најде во групата на најдобрите светски универзитети и по критериумот на еколошката одговорност. UI GreenMetric е иницијатива на Universitas Indonesia која има за цел да се акцентира важноста на одржливоста и грижата за животната средина од страна на универзитетите низ целиот свет, како и мерките кои секој рангиран универзитет ќе ги преземе во функција на создавање на ‘environmentally friendly’ инфраструктура. Во таа смисла, од 2010 година универзитетите во светот (меѓу кои се и најдобрите) се рангирани од страна на Green Metric врз основа на критериумот: „колку се одговорни кон животната средина“. Евалуациската платформа креирана од Universitas Indonesia им овозможува на универзитетите да го измерат односот кон животната средина и нуди корисни совети за подобрување во оваа сфера.
GreenMetric ја поддржува интернализацијата и го става фокусот на прашања поврзани со одржливоста со цел да се зголеми глобалната свест за прашањата поврзани со животната средина. Во ова рангирање, универзитетите се евалуираат и рангираат според критириумите на инфраструктура, енергија, климатски промени, отпад, водни ресурси, транспорт и образование.