„Патот на Кобра до ѕвездите“ - ова е насловот на документарниот филм посветен на најголемото фудбалско име во македонската историја Дарко Панчев. Под генерално покровителство на Универзитетот за туризам и менаџмент, сега со ново име Универзитет Скопје, овој филмски документ со историска вредност за македонскиот спорт е во организација и копродукција на Спорт клуб телевизија, Спортско радио 90,3 и Спорт нетворк продукција.
„Историја испишуваат многу луѓе, јас сум почестен што заедно со Дарко Панчев создадовме документарен филм за идните генерации. Ова е филмски проект за македонската спортска историја. Дарко Панчев е македонска ѕвезда, кој ја заслужува целата слава“, порача ректорот проф. д-р Аце Миленковски.
„Патот на Кобра до ѕвездите“ е филм за подемот на македонскиот спортски бренд Дарко Панчев до европскиот и до светскиот трон. Панчев е еден од најдобрите голгетери на светот во осумдесеттите и на почетокот на деведесеттите години на минатиот век и еден од најпознатите македонски спортисти во историјата. Тој е носител на Златната копачка за најдобар стрелец во Европа и на Сребрената топка за најдобар фудбалер. Прогласен и за фудбалер на Македонија на 20. век, вистинска гордост на македонскиот спорт.
„За мене е секако чест и задоволство што кариерата ќе ми биде претставена и на ваков начин на филмско платно. Ми беше задоволство да соработувам со продуцентите на филмот, и се надевам дека ќе ѝ се допадне на целокупната македонска и балканска јавност“, истакна Панчев.
Од Спорт клуб рекоа дека создале филм за детството на Дарко, неговиот раст и фудбалски развој, за патот до успехот, и не само според неговите сеќавања, туку и сеќавањата на многу други личности, негови блиски и од неговото опкружување.
„Дарко е многу благодарен соговорник, но и многу незгоден, затоа што се сеќава на многу детали. Просто е неверојатно како Дарко се сеќава на сѐ од неговата фудбалска кариера, затоа и со самото тоа ни беше навистина лесно, но во исто време малку и понапорно да собереме сѐ на едно место, и во секој случај да создадеме, мислам, навистина прекрасен документарен филм, кој засекогаш ќе сведочи за една големина каква што е Дарко Панчев“, истакнаа од Спорт клуб, творците на документарниот филм за македонскиот фудбалер на векот.
Филмот, преку гостувања на истакнати спортски и јавни личности, како и на самиот Панчев, ја раскажува неговата животна приказна на фудбалските терени, до врвот на светскиот фудбалски трон.
Снимањето е направено на повеќе локации во Скопје, Белград, Сараево, Загреб, Букурешт, Подгорица, во времетрање од два месеца со повеќе од 40 личности од светот на фудбалот, културата и од јавниот живот.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2307-univerzitetot-skopje-podrzhuvach-na-istoriski-kapitalen-proekt-za-makedonskata-sportska-istorija#sigProId5d3fec284a