На 28 февруари, во утринската програма на ТВ Алфа „Добро утро, секое утро“, на тема претстојниот Форум за женско лидерство во организација на Универзитетот за туризам и менаџмент, со водителката Сузана Турунџиева разговараше Даниела Трајковска, координаторка за маркетинг и за односи со јавност на Универзитетот.
Настанот под мотото „Жените пишуваат историја“ ќе се одржи на 6 март 2023 година, со почеток во 11:00 часот во просториите на Универзитетот, Трајковска го оцени како меѓународен со оглед на тоа што на петте панели на Форумот ќе учествуваат не само наши, туку и жени-лидерки од странство, како амбасадорките на Србија, Грција и Шведска во земјава, генералната директорка на Туркиш ерлајнс, генерлната директорка на УНЕТ и почесна конзулка на Канада, советничка за енергетика во Прага, ректорката на Универзитетот за телекомуникации и пошти од Софија, менаџерката на МОБ и кореографка Олга Панго и многу други.
Трајковска истакна дека како општествено одговорна високообразовна институција, Универзитетот со овој настан има за цел да ги отвори прашања за жените во општеството, но така како што ги доживуваат тие, особено на својот пат кон лидерските позиции во општеството. При тоа, таа нагласи дека за да може да се носи една успешна жена со сите свои различни улоги, неопходна ѝ е голема поддршка, најпрво од самата себеси, а потоа и од семејството, од заедницата и од општеството во целост. Трајковска истакна и дека патот до успехот е тежок, но дека е уште потешко да се остане на врвот.
„Македонската жена е јака жена. Имаме кај нас многу успешни жени што цврсто и самоуверено чекорат во реализирањето на своите амбиции. Македонија се движи по нагорна линија во однос на родовата еднаквост“, истакна Трајковска оценувајќи ја состојбата во Македонија.
Трајковска, на крајот од своето излагање, потенцираше дека Универзитетот за туризам и менаџмент е пример како треба да се практикува родовата еднаквост, со оглед на тоа дека поголемиот број од професорите и деканите на Универзитетот се жени. Уште повеќе, како образовна институција, Универзитетот го поттикнува развојот на лидерските вештини кај своите студентки, а како резултат, многу од алумните на Универзитетот се денеска успешни менаџерки и лидерки во своите професионални области во општеството!