Хуманитарниот конвој на Универзитетот за туризам и менаџмент вчера пристигна во Истанбул, Турција. Денеска, во координација со Амбасадата на Република Турција, хуманитарната помош што ја превезуваше конвојот ѝ беше предадена на АФАД, агенцијата за управување со кризи на турското Министерство за внатрешни работи. Ова тело на турската влада е одговорно хуманитарната помош што пристига во моментов во Турција од целиот свет да дојде до преживеаните во областите зафатени од катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата на 6 февруари годинава, а во кој, според официјалните бројки, загинаа околу 41.000 луѓе.
Конвојот на УТМС, високообразовна и општествено одговорна установа, вчера, на иницијатива на ректорот проф. д-р Аце Миленковски, се упати кон Турција. Вработени од Универзитетот, а во име на целиот колектив и на студентите на УТМС, сесрдно се нафатија да ја испорачаат лично хуманитарната помош што ја обезбеди Универзитетот за настраданите во земјотресот, а која се состои од храна, пијалаци и ќебиња со вредност од над 1,5 милиони денари. Посакаа, со своето директно присуство, да ја изразат својата солидарност со народот на Турција во овие тешки мигови за нацијата.
Писмо на жалење за катастрофата што ја погоди Турција упати и ректорот Миленковски веднаш по несреќните настани на 6 февруари годинава. „Нашиот народ стои рамо до рамо со турскиот народ. Спремни сме да помогнеме на секаков начин, како Универзитет, но пред сѐ како луѓе“, истакна ректорот Миленковски во своето јавно писмо упатено до турскиот народ на денот на катастрофата. Вчера и денеска, неговиот тим ја покажа оваа посветеност на дело, во Истанбул, рамо до рамо со турскиот народ.
Колективот на УТМС ѝ посакува брзо закрепнување на турската нација, изразувајќи надеж дека ваква катастрофа никогаш повеќе нема никому да се случи!
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2189-humanitaren-konvoj-na-univerzitetot-skopje-pristigna-vo-turcija#sigProId44f20b2def