Денеска, 17 декември 2022 година, во амфитеатарот на Универзитетот за туризам и менаџмент, се одржа Деветтата седница на Собранието на Здружението на професорите по географија на Македонија „Проф. д-р Љубе Миленковски“ – Скопје. Ректорот на Универзитетот, проф. д-р Аце Миленковски, кој воедно е и претседател на Здружението, на оваа Седница беше реизбран на функцијата во уште еден мандат.
Во преполниот амфитеатар со над 140 учесници на Седницата, Миленковски им посака добредојде на гостите и особено им се заблагодари за долгогодишните соработници, пратеничката во Собранието на Република Македонија Бети Стамнекоска-Трајкоска, поранешниот советник по географија Ивица Гиевски, како и на професорот Атанас Конески, долгогодишниот соработник и личен пријател на патронот на Здружението, кои беа меѓу присутните.
Во своето пригодно обраќање, ректорот Миленковски, воедно и претседател на Здружението, се осврна на денешните состојбите во образованието, кои ги оцени како „какистратија“ (од грч. кakós - лош, безвреден, неупотреблив), или како владеење на незнаењето и на неспособноста.
„Имаме ли сила да го направиме образованието како што треба, да им се противставиме на неквалитетот и на неодговорноста?“, ги запраша Миленковски присутните и соопшти дека заклучоците од Седницата на Здружението, во кое членуваат над 400 професори по географија од цела Македонија, ќе бидат во писмена форма доставени до сите релевантни институции во државата, вклучително и Владата и Министерството за образование и наука на Република Македонија.
Во работниот дел на седницата, беа усвоени Извештајот за периодот 2018 – 2022 година и Програмата за работа за 2022/2023 година на Здружението, а беа и избрани членовите на управниот и на надзорниот одбор. По одлука на Собранието на Здружението, златни плакети им беа доделени на проф. д-р Васил Граматниковски, кој е воедно и professor emeritus на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, за неговиот придонес во развојот на географијата, како и на м-р Станка Арнаутова, за нејзиниот придонес во афирмација на Здружението.
„Без поддршката на Универзитетот за туризам и менаџмент, немаше да стигнеме дотука, од 20 што почнавме во 2014 година, да броиме над 400 денеска“, истакна Арнаутова во пригодното обраќање по повод врачувањето на Златната плакета.
На настанот со свои инспиративни предавања на гостите им се обратија и доц. д-р Благој Цонев и доц. д-р Гојарт Камбери, кои зборуваа за нужноста и за придобивките од поврзувањето на географијата со другите научно-наставни дисциплини, како и со научниот пристап воопшто. Учесниците имаа можност да ја чујат и презентацијата за врсничко насилство на м-р Марија Конеска, дипломиран и лиценциран психолог и психотерапевт.
Универзитетот за туризам и менаџмент е долгогодишен поддржувач на Здружението на професорите по географија на Македонија „Проф. д-р Љубе Миленковски“ – Скопје, кое меѓу другото, е акредитирано и да ги организира натпреварите по географија за основно образование на државно ниво.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2171-rektorot-milenkovski-reizbran-za-pretsedatel-na-zdruzhenieto-na-profesorite-po-geografija-na-makedonija#sigProId073414df05